Дали треба да ги гасиме светилките кога излегуваме од просторијата?

Навиката да се гаси светлото секогаш кога излегуваме од просторијата не е подеднакво оправдана за сите видови светилки. Со развојот на технологијата и сè пошироката употреба на ЛЕД-сијалиците, правилата за заштеда на електрична енергија се менуваат, а честото вклучување и исклучување кај одредени типови светилки може да влијае и врз нивниот работен век.

Според препораките на американското Министерство за енергетика, исплатливоста од гасење на светлото зависи пред сè од технологијата на сијалицата, но и од цената на електричната енергија.

Кај класичните светилки со вжарено влакно, кои се најмалку енергетски ефикасни, препораката е да се исклучуваат секогаш кога не се користат. Истото важи и за халогените светилки, кои и покрај нешто подобрата ефикасност, сè уште трошат повеќе електрична енергија од поновите технологии.

РЕКЛАМА

Поинаква е ситуацијата кај компактните флуоресцентни светилки (ЦФЛ). Кај нив работниот век зависи и од бројот на вклучувања и исклучувања, поради што честото прекинување на напојувањето може да придонесе за побрзо трошење. Како практично правило, Министерството за енергетика препорачува тие да останат вклучени ако просторијата се напушта на период до 15 минути, а да се исклучат при подолго отсуство.

Најголема флексибилност нудат ЛЕД-светилките. Тие се енергетски ефикасни, а честото вклучување и исклучување практично не влијае врз нивниот работен век. Затоа, краткото оставање на светлото вклучено нема значително да влијае врз сметката за електрична енергија. Сепак, доколку просторијата нема да се користи подолг период или станува збор за целодневно отсуство, препораката е светлото да се исклучи.

Од Министерството за енергетика посочуваат дека колку е поефикасна светилката, толку подолго може да остане вклучена пред исклучувањето да стане поисплатлива опција од аспект на потрошувачката и трошоците.

Со оглед на тоа што ЛЕД-технологијата денес е широко распространета, старото правило за задолжително гасење на светлото при секое излегување од просторијата веќе нема исто значење. Кај овие светилки разликата во потрошувачката при кратко оставање на светлото вклучено е минимална, но исклучувањето при подолго некористење и понатаму е едноставна мерка за заштеда на електрична енергија.

Извор: Realsimple.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил