Европската индустрија за ветерна енергија забрзано отвора нови работни места, но недостигот од квалификувани работници би можел да стане сериозна пречка за понатамошниот развој на секторот, предупредуваат од здружението WindEurope.
Според најновите податоци, секторот во моментов обезбедува работа за 478.000 лица низ Европа, од кои 225.000 се директно вработени, а 253.000 работат индиректно во поврзаните дејности. Само производствениот сегмент вработува околу 110.000 луѓе, што ја потврдува важноста на ветерната индустрија за европската економија и енергетска транзиција.
Се очекува до 2030 година бројот на вработени во секторот да надмине 600.000. Сепак, главниот предизвик не е само отворањето нови работни места, туку обезбедувањето доволно квалификуван кадар за клучните позиции. Доколку овие работни места останат непополнети, реализацијата на новите ветерни проекти би можела значително да се забави.
За подобро планирање на човечките ресурси, WindEurope ја претстави новата алатка за развој на работната сила (Workforce Development Tool), која нуди детален увид во потребите од кадар по земји, фази на проектите и професионални профили. Алатката ги идентификува најкритичните работни места, регионите каде што се јавува недостиг на кадар и очекуваните трендови во побарувачката во наредните години.
Од здружението нагласуваат дека компаниите не можат истовремено да инвестираат во обуки за сите профили во синџирот на вредност, па затоа е неопходно прецизно да се утврдат најдефицитарните занимања и областите каде што тие се најпотребни.
Анализите покажуваат дека најголем недостиг има кај техничките професии неопходни за изградба и инсталација на ветерни паркови. Меѓу најбараните профили се теренски инженери, монтажни техничари, техничари за предмонтажа и заварувачи. Побарувачката за овие кадри се очекува дополнително да расте до крајот на деценијата.
Од WindEurope предупредуваат дека без навремено инвестирање во обука и преквалификација на работната сила, постои ризик образовните програми да не ги следат потребите на индустријата, што би можело да доведе до доцнење на новите проекти и да ги отежне напорите на Европа за зајакнување на енергетската безбедност.
„На Европа ѝ се потребни повеќе ветерни електрани за да ги исполни своите енергетски цели, но исто толку ѝ се потребни и луѓе со соодветни знаења и вештини“, порачуваат од организацијата, оценувајќи дека подготвеноста на работната сила станува еден од клучните предуслови за успешна енергетска транзиција.
