Европската Унија треба значително да ги забрза процедурите за издавање дозволи за ветерните електрани и изградбата на електроенергетските мрежи доколку сака да ја зајакне енергетската безбедност, да ја зголеми конкурентноста на индустријата и да ги намали цените на електричната енергија, порача европската асоцијација WindEurope.
По усвојувањето на позицијата на Советот на ЕУ за новиот Пакет за електроенергетските мрежи, од WindEurope оценија дека иако предлогот претставува позитивен чекор, земјите-членки ги ублажиле клучните одредби поврзани со издавањето дозволи и координацијата на европско ниво.
Според организацијата, повеќе од 500 гигавати ветерни капацитети во моментов чекаат одобрение за приклучување на електроенергетската мрежа, додека административните процедури остануваат долги, сложени и претежно базирани на хартиена документација.
„На Европа не ѝ треба повеќе бирократија. Потребни ѝ се повеќе ветерни електрани. Секое одложување на дозволите значи одложување на индустрискиот развој, електрификацијата и пониските сметки за електрична енергија за домаќинствата и компаниите“, изјави извршната директорка на WindEurope, Тине ван дер Стратен.
Организацијата бара Европскиот парламент во претстојните преговори со Советот и Европската комисија да поддржи воведување единствен дигитален систем за издавање дозволи, автоматско одобрување на барањата доколку институциите не одговорат во законскиот рок, поширока примена на принципот на „надреден јавен интерес“ за проектите од обновливи извори, како и побрза замена на старите ветерни турбини со нови и поефикасни.
Од WindEurope сметаат дека е потребна и посилна координација на европско ниво при планирањето на електроенергетските мрежи, со цел инфраструктурата да се развива паралелно со новите капацитети за производство на електрична енергија.
Како пример за успешен пристап ја посочуваат Германија, која во 2025 година издала дозволи за 21 гигават нови копнени ветерни електрани, додека годинава се очекува тој резултат дополнително да биде надминат.
„Енергетската безбедност и конкурентноста на Европа зависат од намалувањето на бирократијата и забрзувањето на инвестициите во ветерната енергија и електроенергетската инфраструктура“, порача Ван дер Стратен.
Извор: WindEurope.org
