САД се враќаат кон „заборавената“ индустрија. Трамп го оживува произвоството на јаглен


Вашингтон. 8 април 2025 – Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот стави потпис на неколку извршни наредби чија цел е зајакнување на производството на јаглен, потег што е сосема спротивен со глобалните напори за намалување на јаглеродните емисии. Ова е дел од неговата агенда за враќање на „заборавената“ индустрија на голема врата, и покрај падот на нејзиното значење во енергетскиот сектор на САД.

Според податоците на Администрацијата за енергетски информации, електраните на јаглен денес произведуваат помалку од 20% од електричната енергија во САД, во споредба со 50% во 2000 година. Причина за ова е всушност енормното зголемување на производството на природе гас, благодарение на хидрауличното фрактурирање, заедно со подемот на соларната и ветерната енергија, кои го истиснаа јагленот од пазарот.

„Го враќаме назад она што беше напуштено“, изјави Трамп од Белата куќа, опкружен со триесетина рудари во заштитни шлемови. „Рударите повторно ќе работат“, вети тој, алудирајќи на драстичниот пад на работните места во секторот – од 70.000 пред една деценија на денешните 40.000.

Реклама


Трамп, кој во кампањата ветуваше енергетски бум во САД, од првиот ден на функцијата на 20 јануари работи на укинување на регулативите за енергија и животна средина. Неговиот потег доаѓа во момент кога побарувачката за електрична енергија во САД расте првпат по две децении, поттикната од „гладните“ дата центри за вештачка интелигенција, електричните возила и криптовалутите.

Инаку, новите извршни наредби предвидуваат спас за електраните на јаглен, кои се пред затворање, но и активирање на Законот за одбранбено производство од 1950 година, со кој беше предвидено зголемување на производството. Во оваа смисла, секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт доби задача да испита дали јагленот за производство на челик може да се класифицира како „критичен минерал“, што е статус резервиран за високотехнолошки одбранбени потреби. Ако успее, тоа би можело да отвори врата за итни мерки за подигнување на производството.

По потписот на Трамп, Министерството за енергетика објави 200 милијарди долари финансирање за заеми, дел од кои ќе одат за нови технологии за јаглен. Ова е целосен пресврт од политиките на претходните администрации, каде ваквите фондови ретко се користеа за зафаќање на јаглеродот од јагленските постројки.

Покрај останатото, извршните наредби му наложуваат и на секретарот за внатрешни работи Даг Бургум да го укине мораториумот за издавање нови дозволи за ископ на јаглен на федерални земјишта, што ќе им овозможи на приватните компании да стекнат права за вадење јаглен, а процесот на издавање дозволи ќе добие приоритет.

Денешните вести, веднаш ги „запалија“ берзите – акциите на американските јагленски гиганти Peabody и Core Natural Resources скокнаа за околу 9%.
Сепак, аналитичарите се прашуваат дали има вистинска побарувачка за повеќе јаглен. Стотици електрани на јаглен во САД се затворија во текот на изминатата деценија поради поевтините алтернативи и стравот од идни регулативи. Јагленот останува „шампион“ во емисиите на јаглерод диоксид меѓу фосилните горива, а неговото согорување носи и загадувачи што ги загрозуваат белите дробови и срцето.

Денес, јагленските електрани во САД работат со само 40% од капацитетот, а поддржувачите веруваат дека дерегулацијата може да го промени тоа. Во првиот мандат, Трамп се обиде да го спаси јагленот преку субвенции за стабилност на мрежите, но регулаторите го отфрлија планот во 2018 година.

„Овие наредби ставаат акцент на одговорно снабдување со енергија, ја признаваат стратешката вредност на американскиот јаглен и ја прифаќаат економската шанса од енергетското изобилство“, вели Рич Нолан од Националната рударска асоцијација.

Еколошките активисти, пак, не штедат критики. „Јагленските електрани се застарени, валкани и ненадежни“, вели Кит Кенеди од Советот за одбрана на природните ресурси. „Трамп нè враќа во минатото, терајќи ги граѓаните да плаќаат повеќе за вчерашната енергија, наместо да ја гради мрежата на иднината.“

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement