Ројтерс: ЕУ подготвува даночни измени за пониски сметки за струја

Европската Унија подготвува измени во енергетските даноци и мрежните трошоци со цел да ги намали сметките за електрична енергија за граѓаните и компаниите, покажува нацрт-предлог до кој дошла агенцијата Ројтерс.

Според документот, Европската комисија планира електричната енергија да се оданочува пониско од природниот гас, како дел од мерките за справување со енергетската криза предизвикана од војната со Иран, која доведе до раст на цените на нафтата и гасот.

Целта на Брисел е да се поттикне побрз премин кон почисти извори на енергија и поголема употреба на електрична енергија во транспортот, индустријата и греењето, каде што сè уште доминираат фосилните горива. Со намалување на трошоците за струја, ЕУ сака да ја зголеми конкурентноста на електричните автомобили, топлинските пумпи и другите зелени технологии.

РЕКЛАМА

„Потребна е брза акција за намалување на сметките за електрична енергија и зависноста на ЕУ од фосилните горива“, се наведува во нацрт-документот.

Предлогот предвидува земјите-членки и натаму самостојно да ги определуваат националните даночни стапки, но во согласност со новите европски правила според кои струјата мора да биде пониско оданочена од гасот.

Дополнително, ЕУ планира да воведе мерки со кои потрошувачите ќе се мотивираат да ја користат електричната енергија во периоди кога таа е поевтина. За таа цел, Брисел предлага до 2030 година половина од сите корисници во Унијата да имаат паметни броила, кои ќе овозможат следење на потрошувачката и користење на пониски тарифи во часови со намалена побарувачка.

Мрежните трошоци, кои ги наплатуваат операторите за одржување и модернизација на електроенергетските системи, во моментов сочинуваат околу една четвртина од просечната сметка за струја на едно европско домаќинство.

Сепак, предложените измени се очекува да наидат на отпор кај дел од земјите-членки. Европски дипломати посочуваат дека некои држави сметаат оти ваквите даночни промени треба да се усвојуваат едногласно, а не со засилено мнозинство, предупредувајќи дека тоа би можело да создаде преседан за идни одлуки.

Европската комисија се очекува официјално да го објави предлогот на 22 јули.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил