Воведувањето на новите европски такси за извоз на електрична енергија од земјите на Западен Балкан кон пазарот на Европската Унија предизвикува сериозна неизвесност и веќе резултира со намален интерес од европските партнери за купување струја од регионот, вклучително и од обновливи извори.
Во писмо упатено до членовите на Комитетот за индустрија, истражување и енергетика при Европскиот парламент, министерот за енергетика и рударство Адмир Шахмановиќ, во име на земјите од регионот (Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Косово), побара ревизија на регулативата (ЕУ) 2023/956, особено во делот што се однесува на електричната енергија како стока опфатена со Механизмот за прекугранично усогласување на цената на јаглерод (CBAM).
Според наводите во писмото, примената на CBAM од 1 јануари 2026 година воведе дополнителни давачки за извоз на електрична енергија во ЕУ, без оглед на изворот на нејзино производство. Иако мерката е насочена кон намалување на емисиите на јаглерод диоксид, таа во пракса го поскапува извозот и ја намалува конкурентноста на производителите од регионот.
„Забележуваме намален интерес кај партнерите од ЕУ за набавка на електрична енергија, и тоа токму во период кога, благодарение на поволните хидролошки услови, имавме зголемено производство на чиста енергија од хидроелектрани“, се наведува во обраќањето.
Дополнително, земјите од Западен Балкан предупредуваат дека постојните правила на CBAM можат да го попречат процесот на интеграција на нивните електроенергетски пазари со европскиот, и покрај долгогодишните напори за усогласување со европското законодавство во областа на енергетиката, обновливите извори и климатската политика.
Иако ја поддржуваат климатската агенда на Унијата, регионалните претставници оценуваат дека сегашната регулатива воведува построги услови и пократки рокови, што може да ги компромитира реформските процеси и да ја намали предвидливоста за економиите во пристапниот процес.
Во таа насока, се предлагаат „ограничени, но целно насочени измени“ на предложените ревизии од Европската комисија, со цел да се обезбеди усогласено спроведување на политиките за пристапување, интеграција на енергетскиот пазар и климатска транзиција.
Финансиски последици веќе се чувствуваат
Практичните ефекти од новите правила веќе се видливи. ЕПЦГ соопшти дека во првиот квартал од 2026 година претрпела намалување на приходите од околу 13 милиони евра при извоз на електрична енергија, токму поради примената на CBAM.
Иако компанијата не извезува директно во ЕУ, ефектите се рефлектираат преку пазарните цени во рамки на царинската зона на Унијата. Засега, од компанијата посочуваат дека нема информации за евентуално зголемување на цените за домаќинствата, но нагласуваат дека внимателно ќе го следат развојот на ситуацијата.
Соочени со новите предизвици, земјите од Западен Балкан сè поинтензивно бараат прилагодување на европските механизми, со цел да се зачува динамиката на енергетската интеграција и да се избегнат негативни економски последици.
Извор: Ekapija.com
