Земјите од ОПЕК+ се согласија од септември да го зголемат производството на нафта за околу 188.000 барели дневно, со што ја завршуваат постапката на постепено укинување на доброволните ограничувања на производството воведени во 2023 година.
Одлуката ја донесоа седумте земји кои доброволно го намалуваа производството, Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Кувајт, Алжир, Казахстан и Оман.
Со септемвриското зголемување целосно се враќаат на пазарот 1,65 милиони барели дневно, кои беа повлечени од производството во 2023 година со цел стабилизирање на цените на нафтата.
И покрај тоа што ОПЕК+ во текот на годинава неколку пати ги зголеми производствените квоти, ефектот врз глобалната понуда беше ограничен поради нарушувањата во извозот од Персискиот Залив, Русија и Казахстан, предизвикани од војните меѓу Израел и Иран, како и Русија и Украина.
Во соопштението по состанокот не се споменува дали организацијата ќе продолжи со зголемување на производството во последниот квартал од 2026 година. Аналитичарите, сепак, оценуваат дека најверојатно ќе следува пауза.
„ОПЕК+ го заврши процесот на враќање на доброволно намаленото производство. Следниот предизвик ќе биде управувањето со евентуалниот вишок на понуда доколку извозните текови се нормализираат“, изјави Хорхе Леон, аналитичар во Rystad Energy.
Во меѓувреме, Заедничкиот министерски мониторинг комитет (JMMC) повторно предупреди дека нападите врз енергетската инфраструктура за време на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран негативно влијаат врз глобалното снабдување, бидејќи оштетените капацитети бараат значително време и средства за обнова.
И покрај оваа одлука, ОПЕК+ и натаму задржува на сила уште едно ограничување на производството од околу 2 милиони барели дневно, воведено во 2022 година, кое според сегашниот план ќе остане во сила до крајот на 2026 година.
Организацијата паралелно спроведува ревизија на производствените капацитети на своите членки, што ќе послужи како основа за утврдување на новите производствени квоти за 2027 година. Дел од земјите, меѓу кои и Ирак, веќе бараат повисоки квоти, повикувајќи се на зголемените производствени капацитети.
По одлуката на ОПЕК+, цената на северноморската нафта брент порасна за повеќе од 1% и достигна 90,12 долари за барел, додека американската WTI се зголеми на 84,67 долари за барел.
Извор: CNBC.com
