Нафтата поевтини 2%, пазарите очекуваат обновување на саудиското производство

Цените на нафтата во петокот се намалија за околу 2%, продолжувајќи го падот трет ден по ред, откако се ублажија стравувањата од поголеми прекини во снабдувањето од Саудиска Арабија. Сепак, ризиците за снабдувањето остануваат високи поради продолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток.

Цената на Брентот се намали за 2,30 долари, или 2,2%, на 102,53 долари за барел, додека американската нафта WTI поевтини за 1,85 долари, или 1,8%, на 100,04 долари за барел, објави Ројтерс.

Брентот е на пат оваа недела да забележи пад од околу 2%, што би бил прв неделен пад по три недели раст.

РЕКЛАМА

Пазарите во голема мера ги надминаа новите закани за снабдувањето, иако Саудиска Арабија и јеменските Хути, кои имаат поддршка од Иран, во четвртокот разменија нови напади преку границата, со што дополнително се прошири конфликтот на Блискиот Исток.

Претходно оваа недела цените на нафтата се искачија близу највисокото ниво во речиси четири месеци, откако извори за Ројтерс соопштија дека било прекинато товарењето сурова нафта во саудискиот извозен центар Јанбу на Црвеното Море. Ријад исто така откажа дел од испораките кон Европа, откако во нападот минатата недела беше оштетен нафтоводот Исток-Запад.

Ситуацијата на пазарот почна да се смирува по информациите дека Саудиска Арабија настојува во рок од неколку дена да врати околу половина од капацитетот на нафтоводот Исток-Запад. Земјата истовремено понудила повеќе количества сурова нафта на азиските рафинерии преку претовар од брод на брод во близина на оманското пристаниште Сохар.

„Неодамнешните напори за обновување на саудискиот извозен капацитет намалија дел од непосредната загриженост околу снабдувањето“, изјави Пријанка Сачдева, шефица за пазарни анализи во Phillip Nova.

Сепак, проценките за тоа колку време ќе биде потребно нафтоводот повторно да биде ставен во функција и испораките да се вратат во нормала се различни.

Нафтата и натаму се тргува над 100 долари за барел, додека пазарите чекаат конкретни показатели дека снабдувањето навистина се подобрува.

„Клучното прашање е дали физичките текови можат да се нормализираат и во кој рок. Доколку видиме одржливо подобрување на сообраќајот низ Ормускиот теснец, дел од геополитичката премија може дополнително да се намали“, оцени Сачдева.

Превозот на нафта низ регионот, сепак, останува ризичен. Иранската морнарица на Револуционерната гарда соопшти дека во четвртокот бил погоден танкер со знаме на Того, кој, според иранските државни медиуми, се обидувал да изврши „нелегално минување“ низ Ормускиот теснец.

Во меѓувреме, САД и Иран немаат одржано мировни разговори откако привремениот договор постигнат во јуни пропадна по неколку недели. Конфликтот ќе биде тема и на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации следната недела.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил