Глобалната побарувачка за нафта во 2026 година ќе се намали за 1,6 милиони барели дневно, што е за 510 илјади барели дневно полоша прогноза во однос на јулскиот извештај, поради продолженото затворање на Ормускиот теснец и високите цени на горивата, предупредува Меѓународната енергетска агенција (ИЕА) во најновиот „Oil Market Report“.
Агенцијата очекува намалувањето на потрошувачката постепено да се ублажува, од пад од 4,9 милиони барели дневно во вториот квартал, на 2,8 милиони барели дневно во третиот квартал. Во последниот квартал од годината побарувачката повторно би можела да започне да расте, за околу 580 илјади барели дневно. За 2027 година ИЕА прогнозира раст на глобалната побарувачка од 2,4 милиони барели дневно.
Истовремено, глобалното производство во јули пораснало за 2,4 милиони барели дневно, на 101,5 милиони барели дневно, но останало за 6,3 милиони барели дневно под нивото од истиот месец минатата година. Дури 8,3 милиони барели дневно од производството во земјите од Персискиот Залив и натаму се надвор од пазарот.
Повторното избивање на непријателствата во јули и нарушувањата во поморскиот транспорт дополнително го забавиле закрепнувањето на понудата. ИЕА затоа ја намали прогнозата за производството во третиот квартал за 1,7 милиони барели дневно во однос на јулската проекција.
За цела 2026 година светската понуда се очекува да се намали за 4,3 милиони барели дневно, на просечни 102 милиони барели дневно. Следната година, сепак, се очекува силно закрепнување од 8,3 милиони барели дневно, до 110,3 милиони барели дневно.
Нафтената криза силно ја погодува и рафинериската индустрија. Преработката на сурова нафта во јули се зголемила, но со 80,9 милиони барели дневно останала речиси 5 милиони барели под нивото од една година претходно. Продолжените прекини во извозот на деривати од Блискиот Исток и нападите врз руските рафинерии доведоа до дополнително намалување на прогнозата за рафинериската активност во третиот квартал за 370 илјади барели дневно.
ИЕА сега очекува глобалната преработка на сурова нафта во 2026 година да се намали за 2,5 милиони барели дневно, додека во 2027 година се прогнозира раст од 3,5 милиони барели дневно.
Намалената понуда предизвикува сериозно празнење на резервите. Глобалните залихи на нафта во јули се намалиле за 69 милиони барели, главно поради падот на количините на нафта што се транспортираат по море. Копнените залихи се намалиле за дополнителни шест милиони барели.
Вкупните глобални залихи на крајот на јули паднале под 7,9 милијарди барели, што е најниско ниво од април 2025 година. Од почетокот на војната, глобалните залихи се намалиле за 410 милиони барели, односно просечно за 2,7 милиони барели дневно.
Поради ограничената понуда, цените на нафтата во јули се движеа во исклучително широк распон од речиси 40 долари за барел. Северноморската нафта Dated Brent во текот на месецот поскапела за 25,67 долари и на крајот на јули достигнала 96,80 долари за барел. Во моментот на објавување на извештајот се тргува околу 92 долари.
На 23 јули цената достигна околу 105 долари за барел, откако повторното избивање на конфликтот го прекина претходниот тренд на закрепнување на производството во Заливот. ИЕА предупредува дека неизвесноста останува исклучително висока, а евентуалното продолжување на прекините може дополнително да го затегне пазарот.
Производството во земјите од Заливот во јули се зголемило за 2,5 милиони барели дневно, на 23,9 милиони барели дневно, но сè уште е за 8,3 милиони барели под нивото пред војната.
Извозот од регионот, вклучително и преку алтернативните рути што го заобиколуваат Ормутскиот теснец, паднал за 2,1 милиони барели дневно, на 15 милиони барели дневно. На почетокот на јули извозните количества достигнувале 20 милиони барели дневно, но до крајот на месецот паднале на околу 12 милиони.
Особено се затегна пазарот на нафтени деривати. Рафинериските маржи во Атлантскиот басен достигнаа рекордни нивоа во јули, поттикнати од високите цени на дизелот, авионското гориво и бензинот, намалената понуда и испразнетите залихи.
Поморската трговија со нафтени деривати во јули паднала за 3,8 милиони барели дневно во однос на истиот месец лани, иако американскиот извоз се зголемил за 700 илјади барели дневно. Извозот на дизел од Русија, Блискиот Исток и Азија бил за 1,3 милиони барели дневно понизок, што претставува околу 20% од глобалната поморска трговија.
Во истите региони, извозот на авионско гориво паднал за околу 670 илјади барели дневно, односно за 34% од глобалната трговија.
ИЕА проценува дека глобалниот нафтен биланс во третиот квартал ќе биде во дефицит од 1,8 милиони барели дневно, што е повеќе од двојно над јулската прогноза од околу 800 илјади барели дневно.
Иако агенцијата очекува пазарот повторно да влезе во суфицит кон крајот на годината, предупредува дека ризиците остануваат високи. Брзото празнење на резервите го намалува просторот за апсорбирање на нови нарушувања, поради што повторното отворање на Ормутскиот теснец станува сè поитно.
Во јули земјите од ОПЕК+ го зголемиле производството на 34,53 милиони барели дневно, од 33 милиони во јуни. Од земјите со најголемо производство, Саудиска Арабија во јули произведувала 8,24 милиони барели дневно, Ирак 2,88 милиони, Русија 8,76 милиони, а Иран 2,63 милиони барели дневно.
И покрај очекуваното враќање на пазарот кон суфицит, ИЕА предупредува дека залихите се трошат со темпо кое остава сè помалку простор за нови шокови. Продолжувањето на прекините во транспортот низ Ормутскиот теснец би можело дополнително да ги зголеми цените и да го продлабочи падот на глобалната побарувачка.

Извор: IEA.org
