ЕК: Европскиот електроенергетски систем стабилен и покрај топлотните бранови и сушата

Европскиот електроенергетски систем останува стабилен и покрај топлотните бранови и сушата што во моментов погодуваат делови од Европа, соопшти Европската комисија по вчерашниот состанок на Групата за координација на електроенергетскиот сектор.

На состанокот учествувале експерти од Европската комисија, земјите членки на ЕУ, Украина, Молдавија, Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-E).

Групата оцени дека во краток рок нема ризик за адекватноста на снабдувањето со електрична енергија, иако состојбата во текот на следната недела се очекува да остане напната.

РЕКЛАМА

Во неколку земји членки производството на електрична енергија е намалено поради ниските водостоји или високите температури на водата, што ја ограничува работата на дел од електроцентралите.

Сепак, координацијата меѓу земјите и функционирањето на единствениот европски пазар на електрична енергија овозможуваат струјата да се насочува кон регионите каде што е најпотребна.

Европската комисија посочува дека високото производство од соларните електрани има значајна улога во намалувањето на притисокот врз цените на електричната енергија во централните часови од денот.

Во исто време, Комисијата нагласува дека забрзаното воведување системи за складирање енергија станува сè поважно, бидејќи вишокот електрична енергија произведена во часовите со најголемо сончево производство треба да може да се користи во вечерните часови, кога побарувачката расте.

На состанокот било оценето и дека доброволните мерки за намалување на потрошувачката во некои земји, особено во Унгарија, придонесуваат за одржување на рамнотежата меѓу производството и потрошувачката во периоди на зголемен притисок врз системот.

ENTSO-E ги информирала учесниците и за подготовките на европските оператори на преносните системи за затемнувањето на Сонцето на 12 август, за време на кое се очекува привремено намалување на производството од соларните електрани.

Европската комисија најави дека ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата во европскиот електроенергетски систем, да ја поддржува координацијата меѓу земјите и редовно да комуницира со земјите членки, ENTSO-E и Секретаријатот на Енергетската заедница.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил