SMA Solar: Ограничувањата за кинеските инвертори ќе го пренасочат пазарот кон Европа

Ограничувањето на Европската Унија за јавно финансирање на големи соларни проекти со инвертори од земји што се сметаат за „високоризични“ би можело значително да го пренасочи европскиот пазар кон домашните производители, оценува директорот на германската компанија SMA Solar Technology, Јирген Рајнерт.

Европската Унија во мај воведе забрана за користење средства од јавни извори за големи соларни проекти доколку во нив се користат инвертори произведени во „високоризични“ земји. Мерката првенствено ги засега кинеските производители и е образложена со безбедносни ризици поврзани со уредите кои се поврзани на интернет и имаат важна улога во управувањето со електроенергетските системи.

„Околу една петтина од сите поголеми проекти се финансираат од ЕУ, а ограничувањето за Кина ќе ни помогне на тие проекти“, изјави Рајнерт за „Ројтерс“.

РЕКЛАМА

Според него, SMA Solar би можела да достигне околу 10% удел на европскиот пазар на инвертори за големи соларни централи, како последица на промената на условите за финансирање.

Кина доминира со околу 70% од европскиот пазар

Кинеските производители, предводени од Huawei и Sungrow, во последните години обезбедувале околу 70% од инверторите што се користат во Европа. Тоа ја прави ЕУ зависна од увоз на клучна опрема во услови на брзо зголемување на производството на електрична енергија од сонце.

Според пресметките на „Ројтерс“, доколку ограничувањето се применува врз основа на сегашното темпо на изградба на соларни капацитети, би можело да опфати најмалку 14 GW нови соларни капацитети во ЕУ.

Рајнерт очекува постепено префрлање од кинески кон европски производители, особено кај проектите што се потпираат на европско јавно финансирање.

„Ќе има пренасочување од кинеските кон европските компании кога станува збор за проекти финансирани од Европа, но за тоа ќе биде потребно време“, вели тој, додавајќи дека ситуацијата би требало да стане појасна до почетокот на 2027 година.

SMA веќе разговара со нови клиенти

Германскиот производител на фотоволтаична и опрема за складирање електрична енергија веќе разговара со компании кои претходно набавувале инвертори од кинески производители.

Според Рајнерт, SMA Solar веќе води „многу разговори“ со потенцијални нови клиенти, што укажува дека промената на европските правила почнува да влијае врз одлуките за набавка на опрема.

Компанијата во меѓувреме ја намали зависноста од Кина. Во моментов само 2% до 4% од компонентите за нејзините големи инвертори се набавуваат од Кина, поради што Рајнерт оценува дека ризикот од нарушување на синџирите на снабдување е ограничен, дури и во случај на евентуални возвратни мерки од Пекинг.

Промената на европската политика кон соларните инвертори доаѓа во период кога ЕУ истовремено настојува да ја забрза изградбата на обновливи извори, но и да ја намали зависноста од увоз на критична енергетска и технолошка опрема.

За европските производители, тоа отвора простор за враќање на дел од пазарот што во изминатите години беше доминиран од азиските компании.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил