Потрошувачката на електрична енергија во глобалниот роботски сектор до 2035 година би можела да достигне 363 терават-часови годишно, што е речиси колку целото производство на електрична енергија од нуклеарните централи во Франција, покажува анализа на Wood Mackenzie.
Според истражувањето, индустриските и хуманоидните роботи заедно би трошеле 363 TWh годишно, додека нуклеарните централи во Франција во 2025 година произвеле околу 373 TWh.
На индустриските роботи би отпаѓале околу 357 TWh, а на хуманоидните роботи дополнителни 6 TWh годишно.
Во моментов, околу пет милиони индустриски роботи во светот трошат приближно 78 TWh електрична енергија годишно. Wood Mackenzie проценува дека нивниот број до 2035 година би можел да достигне 16 милиони, доколку продолжи сегашната просечна стапка на раст од 12% годишно.
Кина доминира со роботите
Кина има водечка позиција на глобалниот пазар на индустриски роботи, со повеќе од 70% од годишните инсталации во светот.
Кинеските компании се уште подоминантни кај хуманоидните роботи и се одговорни за речиси 90% од роботите од овој тип што моментално се користат.
Како пример се наведува кинеската компанија State Grid, која во 2026 година планира да потроши 1 милијарда долари за набавка на 8.500 автономни роботи со вештачка интелигенција, наменети за повеќе од 600 специјализирани задачи, од одржување на електроенергетската мрежа до работа на далноводи со ултрависок напон.
Истражувањето покажува дека побарувачката за електрична енергија од роботиката станува нов фактор за енергетските системи, во време кога тие веќе се под притисок од брзиот раст на потрошувачката на електрична енергија во центрите за податоци поврзани со вештачката интелигенција.
Хуманоидните роботи поевтинуваат
Иако хуманоидните роботи сè уште се во рана фаза на масовна примена, нивниот пазар расте со висока стапка. Wood Mackenzie проценува дека бројот на хуманоидни роботи би можел да расте со повеќе од 90% годишно во периодот од 2025 до 2035 година, достигнувајќи повеќе од 10 милиони единици.
Просечната цена на хуманоидните роботи меѓу 2020 и 2025 година паднала за 93%, на околу 58.000 долари.
Кинескиот робот Unitree G1 во 2026 година се продава за околу 16.000 долари, а проценетите годишни трошоци за електрична енергија при осумчасовна дневна работа изнесуваат околу 82 долари.
Според Wood Mackenzie, доколку до 2050 година во светот бидат распоредени една милијарда хуманоидни роботи, нивната потрошувачка на електрична енергија би можела да се израмни со целокупното производство на електрична енергија во Јужна Кореја во 2026 година.
„Ограничувањата во снабдувањето со електрична енергија стануваат реална пречка за ширењето на роботиката“, изјави Роберт Лиу, директор за интегрирани енергетски истражувања во Wood Mackenzie.
Според него, индустриските роботи веќе трошат 78 TWh годишно, и тоа пред хуманоидните роботи да достигнат поширока примена.
Растот на роботиката е поттикнат од недостигот на работна сила, зголемувањето на трошоците за труд и потребата за поголема автоматизација на производството и синџирите на снабдување. Напредокот во вештачката интелигенција, компјутерскиот вид и машинското учење дополнително ја проширува примената на роботите во индустријата, логистиката, здравството и други сектори.
Wood Mackenzie предупредува дека, покрај центрите за податоци и вештачката интелигенција, роботиката станува уште еден значаен и досега недоволно вклучен фактор во планирањето на идната побарувачка на електрична енергија.
Извор: WoodMac.com
