Европската унија мора да прифати повисоки краткорочни трошоци доколку сака да ја намали зависноста од Кина за клучните технологии потребни за зелената транзиција, предупреди европскиот комесар за климатска акција Вопке Хоекстра во интервју за „Еуроњуз“.
Хоекстра оцени дека ЕУ требало да почне да ја намалува зависноста од Кина уште пред пет до десет години и предупреди дека дополнителното одложување ќе ја направи промената уште поскапа и потешка.
„Но, ќе биде многу поевтино и многу повеќе во наша корист да го направиме тоа сега, отколку да бидеме неодлучни и да чекаме уште пет до десет години“, изјави Хоекстра.
Европа во следните години планира забрзано зголемување на производството и употребата на соларна и ветерна енергија, батерии, електрични возила и други чисти технологии со цел постигнување климатска неутралност до 2050 година. Сепак, според Хоекстра, силната зависност од кинеските производители создава нова стратешка ранливост, слична на зависноста што Европа претходно ја имаше од Русија за евтините енергенси.
„Зависностите во многу области едноставно станаа премногу големи“, рече европскиот комесар, оценувајќи дека ситуацијата претставува „опасна и непријатна“ ранливост за климатските амбиции и економската безбедност на Европа.
Кина веќе има доминантна позиција во одредени сегменти од синџирот на снабдување со батерии во Европа. Според податоците на „Вуд Мекензи“, кинеските компании учествуваат со повеќе од 80% на европскиот пазар на станбени батериски системи за складирање енергија, додека кинеските производи сочинуваат речиси 88% од увозот на литиум-јонски батерии во ЕУ.
Зависноста не се однесува само на батериите. ЕУ се соочува и со силна зависност од Кина за критични суровини и компоненти неопходни за развојот на обновливите извори на енергија и системите за складирање.
Прашањето станува сè поважно бидејќи производството на електрична енергија од сонце и ветер во Европа расте побрзо од капацитетите за складирање. Европските министри за енергетика неодамна разговараа и за зависноста од кинески системи за складирање енергија.
Хоекстра како предупредувачки пример ја посочи европската соларна индустрија, која во изминатите години загуби значителен дел од производството под притисок на поевтиниот кинески увоз, за кој во Европа постојат критики дека е поддржан со државни субвенции.
Истовремено, економските односи меѓу ЕУ и Кина се под дополнителен притисок. Трговскиот дефицит на ЕУ со Кина во 2025 година достигнал рекордно ниво, од околу една милијарда евра дневно.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен неодамна порача дека дијалогот со Кина останува неопходен, но дека мора да донесе конкретни резултати, додавајќи дека ЕУ е подготвена да ги искористи расположливите инструменти доколку тоа не биде доволно.
Хоекстра во интервјуто изнесе и сериозни предупредувања за можните безбедносни ризици поврзани со кинеската технологија во критичната инфраструктура.
„Прекинувачи за исклучување се вградуваат во ветерните турбини. Шпионажата се случува во многу голем обем на европско тло. Кражбата на интелектуална сопственост во нашите најнапредни компании се случува секоја недела“, изјави тој.
Според комесарот, целта на ЕУ не треба да биде прекин на трговијата со Кина, туку намалување на ризикот Европа да зависи од еден надворешен снабдувач за технологии кои се клучни за нејзината енергетска транзиција.
Брисел затоа се соочува со тешка задача, истовремено да ја забрза декарбонизацијата и да изгради сопствени производствени капацитети за чисти технологии, што на краток рок може да биде поскапо, но според Хоекстра е неопходно за долгорочната економска и енергетска безбедност на ЕУ.
Извор: Euronews.com
