Ѓорѓиевски: МЕМО бележи раст на тргувањето, следуваат негативни цени и аукции на гаранции за потекло

Скопје, 4 август 2026 – МЕМО бележи значителен раст на тргувањето со електрична енергија во изминатите две години, а во наредниот период се очекува воведување нови пазарни механизми, меѓу кои и негативни цени на електричната енергија и аукции на гаранции за потекло.

Директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, по повод две години на чело на компанијата, оцени дека периодот бил исполнет со значајни промени во функционирањето на пазарот на електрична енергија и поставување основи за понатамошна интеграција во европскиот пазар.

Според Ѓорѓиевски, воведувањето на еврото како валута за тргување и воспоставувањето на македонскиот индекс на МЕМО во почетокот на 2025 година придонеле за зголемување на довербата во организираниот пазар.

РЕКЛАМА

Обемот на тргување на пазарот „ден однапред“ во 2025 година пораснал за 40 проценти, а во 2026 година е забележан дополнителен раст од 25 проценти, посочува Ѓорѓиевски.

Во 2026 година започна со работа и интрадневниот пазар на електрична енергија, со што на учесниците им е овозможена поголема флексибилност и можност за побрзо усогласување на производството и потрошувачката.

Како значаен чекор во развојот на пазарот на електрична енергија Ѓорѓиевски го издвојува и воведувањето на Гаранциите за потекло. Издавањето на овие сертификати започна во 2025 година, додека во 2026 година МЕМО стана полноправна членка на AIB (Association of Issuing Bodies), со што македонските гаранции за потекло се интегрираат во европскиот систем.

  • Со почетокот на издавањето на Гаранциите за потекло во 2025 година и полноправното членство во AIB во 2026 година, дадовме вистинска вредност на македонските зелени сертификати и го отворивме патот да бидат признаени низ Европа, наведува Ѓорѓиевски.

Следуваат негативни цени и аукции

Во втората половина од мандатот, МЕМО најавува воведување на нови механизми на пазарот.

Меѓу нив се негативните цени на електричната енергија, кои треба да овозможат пазарно вреднување на вишоците електрична енергија во периодите кога производството ја надминува побарувачката.

Најавени се и аукции на Гаранции за потекло, со цел нивната вредност да се формира преку потранспарентен и пазарен механизам.

Како трета значајна промена се најавува редизајн на начинот на интеграција на повластените производители, односно производителите со feed-in поддршка, на пазарот на електрична енергија.

Според Ѓорѓиевски, новиот модел треба да биде попрактичен за учесниците и трговците, а истовремено да создаде можност за директни заштеди за домаќинствата и малите компании.

Во освртот на досегашната работа, директорот на МЕМО ја нагласува и соработката со Владата, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика, како и со учесниците на пазарот.

  • Две години на чело на МЕМО не се само денови во календарот. Овие 24 месеци беа период исполнет со труд, отворени разговори, предизвици и создавање вредности за новото време, наведува Ѓорѓиевски.

Тој додава дека досегашниот период претставува своевидно „полувреме“, со веќе поставена основа и јасна визија за продолжување на развојот на организираниот пазар на електрична енергија.

Во фокусот на следниот период, според најавите, ќе бидат понатамошното унапредување на пазарните механизми, интеграцијата на обновливите извори и постепеното усогласување на македонскиот пазар со европскиот електроенергетски пазар.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил