ЕУ подготвува енергетски стандарди за дата-центри поради растечката потрошувачка на струја

Европската Унија ќе воведе минимални стандарди за енергетска ефикасност на дата-центрите, откако растечката потрошувачка на електрична енергија од секторот предизвика сериозна загриженост кај европските институции.

Европската комисија соопшти дека ќе изработи нови правила кои ќе важат и за новите и за постојните дата-центри, а проценката за потребите и конкретните критериуми се очекува да бидат подготвени до 2027 година.

Според проценките на ЕУ, капацитетот на дата-центрите во Европа ќе се зголеми од 12 гигавати во 2024 година на 28 гигавати до 2030 година. Со тоа, нивното учество во вкупната потрошувачка на електрична енергија во Унијата ќе надмине сегашните 2,5%.

РЕКЛАМА

Дата-центрите се клучни за функционирањето на дигиталните услуги, вештачката интелигенција и cloud-технологиите, но нивната огромна потрошувачка на енергија претставува предизвик за европската зелена транзиција. Брисел предупредува дека зголемената побарувачка може да доведе до продолжено користење на фосилни горива, дополнителен притисок врз електроенергетските мрежи и повисоки цени на струјата.

„Доколку овие предизвици не се решат на ниво на Европската Унија уште сега, тие би можеле значително да се продлабочат во наредните години“, наведува Европската комисија.

Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), дата-центрите до 2030 година ќе бидат одговорни за околу 20% од растот на побарувачката на електрична енергија во развиените економии.

Покрај енергетските стандарди, ЕУ работи и на воведување ознака за одржливост на дата-центрите, која ќе вклучува критериуми како потрошувачка на вода, користење чиста енергија и транспарентност во работењето. Големите оператори ќе имаат обврска јавно да ги објавуваат овие информации.

Мерките се дел од пошироката европска стратегија за развој на домашни cloud и AI капацитети и намалување на зависноста од големите технолошки компании. Во пакетот се предвидени и алатки со вештачка интелигенција за побрзо издавање дозволи за енергетски проекти и подобро управување со електроенергетските мрежи.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил