Црна Гора го комплетираше ЕУ-пакетот за интеграција на пазарот на електрична енергија

Црна Гора го заврши усогласувањето на своето законодавство со Пакетот за интеграција на електричната енергија на Европската унија (EIP), со што направи значаен исчекор кон приклучување кон единствениот европски пазар на струја, соопшти Секретаријат на Енергетската заедница.

Со ова, земјата се вбројува меѓу првите договорни страни на Енергетската заедница што целосно го транспонирале пакетот, заедно со Молдавија и Србија. Усогласувањето е клучен предуслов за поврзување на црногорскиот пазар со единствениот ден-однапред (SDAC) и внатредневен пазар (SIDC) на ЕУ, и тоа уште пред формалното членство во Унијата.

Следната фаза е процесот на верификација на усогласеноста, што го спроведуваат Секретаријатот и Европска комисија. Од Секретаријатот информираат дека Црна Гора ги засилува активностите за поднесување формално барање за започнување на оваа постапка. Во меѓувреме, Србија веќе се наоѓа во фаза на верификација од страна на Европската комисија.

РЕКЛАМА

По состанокот на Министерскиот совет на Енергетската заедница, одржан кон крајот на 2025 година во Виена, директорот на Секретаријатот, Артур Лорковски, изјави дека по Србија, процесот наскоро ќе започне и за Молдавија, како и за Црна Гора и Македонија по комплетирањето на преостанатите обврски.

Како последен чекор во транспозицијата, црногорската влада на 15 февруари усвои две уредби со кои се уредуваат правилата за работа на електроенергетскиот систем, управувањето со вонредни состојби и неговото обновување.

Новата регулаторна рамка, која ги вклучува и Законот за енергетика и Законот за прекугранична размена на електрична енергија и природен гас, треба да обезбеди поголема правна сигурност за инвеститорите, да ја зајакне регионалната соработка и конкуренцијата и да ја унапреди сигурноста на снабдувањето, предуслови за побрза и поекономична транзиција кон чисти извори на енергија.

Извор: Energy-community.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил