Капацитетите на гасни електрани во ЈИЕ може да се удвојат до 2040 година

Инсталираниот капацитет на електрани на природен гас во централна и југоисточна Европа би можел да достигне 46 гигавати (GW) до 2040 година, што претставува речиси двојно зголемување во однос на сегашното ниво, покажува најновата анализа на консултантската компанија „Аурора енерџи рисрч“.

Растот е поттикнат од енергетската транзиција и постепеното напуштање на лигнитот и јагленот, при што природниот гас се позиционира како клучна преодна технологија. Според „Аурора“, постојните околу 21 GW гасни капацитети во регионот би можеле да пораснат на 34 GW до 2030 година, со потенцијал да достигнат најмалку 46 GW до 2040 година.

„Како што земјите од регионот се оддалечуваат од јагленот, гасот се гледа како главна замена за обезбедување стабилно производство на електрична енергија“, изјави аналитичарката на „Аурора“, Кора Стиц, на енергетски самит во Варшава.

РЕКЛАМА

Сепак, реализацијата на овие проекции се соочува со значајни предизвици. Растечката побарувачка за гасни турбини ги зголемува цените и роковите за испорака, додека недоволните или нејасни државни механизми за поддршка ја зголемуваат неизвесноста за инвеститорите. „Економската исплатливост на гасните електрани е под притисок поради ризици поврзани со трошоците, временските рамки и обезбедувањето сигурни приходи“, нагласи Стиц.

Во овој контекст, Македонија исто така ја разгледува улогата на природниот гас во енергетската транзиција. Во мај минатата година, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека аерозагадувањето останува еден од најсериозните структурни проблеми во земјата, нагласувајќи дека најголем извор на загадување е системот за затоплување на домаќинствата, јавните и индустриските објекти, каде што и понатаму доминираат фосилните горива. Во таа насока, Владата најави фокус на изградба на когенеративни гасни централи, кои истовремено произведуваат електрична и топлинска енергија и би служеле како основа за развој на централизирани системи за затоплување, со цел намалување на загадувањето и зголемување на енергетската ефикасност. За нивна реализација, беше посочена и потребата од развој на соодветна подземна инфраструктура за дистрибуција на топлинската енергија.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил