Скопје. 26 мај 2025 – Премиерот Христијан Мицкоски, на денешната надзорна расправа во Собранието посветена на аерозагадувањето, истакна дека решавањето на проблемот со загадениот воздух и унапредувањето на животната средина мора да бидат стратешки приоритети на Македонија. Во своето излагање, тој најави серија конкретни мерки, со посебен акцент на изградбата на когенеративни гасни централи и хидроелектраните Чебрен и Галиште.
„Темата за аерозагадувањето е болна и актуелна секоја зима. Состојбата не може да се реши преку ноќ, бидејќи децении наназад многу малку, или речиси ништо, не е направено“, рече Мицкоски. Тој подвлече дека најголем причинител за загадувањето е системот на затоплување на домаќинствата, јавните и индустриските објекти, каде што и понатаму се користат фосилни горива.
Во таа насока, премиерот најави дека Владата ќе се фокусира на изградба на когенеративни гасни централи – постројки кои истовремено произведуваат електрична и топлинска енергија. „Овие централи ќе бидат основа за централизирани системи за затоплување, со што ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми енергетската ефикасност“, истакна Мицкоски. Тој додаде дека за оваа цел ќе биде потребна и подземна инфраструктура која ќе ја дистрибуира топлинската енергија до објектите.
Во продолжение на излагањето, премиерот се осврна и на пошироките еколошки предизвици – недостаток на чиста вода, несоодветно управување со отпадните води, како и постоењето на илјадници диви депонии. Тој информираше дека Владата веќе презема драстични чекори преку реалокација на средства од централниот буџет кон општините за инфраструктурни еколошки проекти, особено во руралните средини.
Посебен дел од расправата беше посветен на најавата за изградба на хидроелектраните Чебрен и Галиште, со инвестиција од 1,2 до 1,3 милијарди евра, обезбедена преку британски заем. „Овие проекти се не само енергетски значајни, туку и клучни за управување со водните ресурси, особено во услови на климатски промени“, рече Мицкоски. Тој објасни дека двете нови акумулации ќе обезбедат стабилно водоснабдување за околу 60 илјади хектари земјоделско земјиште во Тиквешко поле, што ќе го зајакне аграрниот сектор.
Мицкоски додаде дека регионот на Мариово, каде што се планирани акумулациите, нуди потенцијал и за развој на туризмот, со интерес од страна на приватни инвеститори. Според него, станува збор за стратешки проекти кои нема да завршат во мандатот на оваа влада, но ќе носат долгорочна додадена вредност за државата.
Покрај ова, на расправата, премиерот најави и набавка на 120 електрични автобуси преку Министерството за транспорт и врски, проектирани за подобрување на јавниот превоз не само во Скопје, туку и во општините со организиран градски превоз. „Овие автобуси ќе бидат донирани пропорционално од Владата, заедно со комплетна инфраструктура за нивно полнење“, рече Мицкоски.
Истовремено, премиерот посочи дека во тек е усогласување на царинските тарифи со ЕУ стандардите, особено за увоз на батериски системи за складирање електрична енергија. „Сега плаќаме 15% царина, додека ЕУ плаќа 2,7%. Тоа е директна пречка за инвестиции во одржливи технологии. Работиме на тоа тоа да се промени“, нагласи тој.
Со денешното излагање во Собранието, премиерот Мицкоски испрати порака дека Владата е решена да се справи со аерозагадувањето преку конкретни и долгорочни решенија, со јасен фокус на енергетска транзиција и подобрување на квалитетот на животната средина.
Енергетика 24