Европа останува посветена на проширување на ветерната енергија и покрај критиките од Трамп

Европските влади, меѓу кои Германија, Велика Британија и Данска, ќе ги зајакнат плановите за масовно проширување на проектите за ветерна енергија, и покрај засилените критики од американскиот претседател Доналд Трамп кон европската зелена енергетска политика, се наведува во нацрт-декларација што денес треба да биде потпишана од лидерите на девет европски држави.

Трамп, кој јавно се противи на транзицијата кон нискојаглеродна енергија, оваа недела на Светскиот економски форум во Давос ги нарече ветерните турбини „губитници“, тврдејќи без докази дека земјите со повеќе турбини губат повеќе пари.

На самитот што ќе се одржи во Хамбург, девет европски влади ќе се обврзат да го забрзаат развојот на офшор ветерната енергија преку големи, прекугранични проекти, со цел да се постигне вкупен капацитет од 300 гигавати до 2050 година. Според нацрт-декларацијата, Велика Британија и земјите членки на ЕУ ќе обезбедат до 100 гигавати од оваа цел преку заеднички проекти.

РЕКЛАМА

Документот ќе го потпишат и Белгија, Франција, Ирска, Луксембург, Холандија и Норвешка. Во него се наведува дека проширувањето на офшор обновливите извори ќе придонесе за стабилно, сигурно и достапно снабдување со енергија, ќе ја зајакне индустриската конкурентност, стратешката автономија и ќе отвори нови работни места.

Европските земји се соочуваат со предизвици, вклучувајќи повисоки трошоци за капитал и компоненти, што доведе до неуспешни аукции за ветерни фарми во неколку земји околу Северното Море. Поради тоа, владите најавуваат зголемена финансиска поддршка за проектите, вклучувајќи можни гаранции од буџетот на ЕУ и механизми како „договори за разлика“, кои обезбедуваат стабилни приходи за производителите на електрична енергија.

Минатата година, енергијата од ветер и сонце за првпат произведе повеќе електрична енергија од фосилните горива во ЕУ, што укажува на продолжување на европскиот премин кон нискојаглеродна енергија, и покрај отпорот од дел од владите.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба