Хелберг: Грција станува клучен енергетски јазол за Европа

Грција добива сè поцентрална улога во енергетската безбедност на Европа, изјави потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во американскиот Стејт Департмент, Џејкоб Хелберг, во интервју за грчкиот дневен весник Катимерини. Тој нагласи дека Атина се позиционира како „инфраструктурен хаб“ за енергија, транспорт и телекомуникации, додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп го засилува својот економски ангажман во Источен Медитеран.

Хелберг го оцени како „историски“ договорот меѓу ExxonMobil, Hellenic Energy и Energean за започнување офшор истражувачко дупчење во Јонско Море, прво по 40 години. „Администрацијата е целосно посветена на достапна, евтина и изобилна енергија,“ изјави тој, подвлекувајќи ја улогата на САД во поддршка на партнери и приватни инвеститори.

Според Хелберг, Вашингтон ги поддржува проектите што ја зајакнуваат енергетската поврзаност во Источен Медитеран, меѓу кои електроенергетскиот интерконектор Грција–Кипар–Израел (GSI) и гасоводот EastMed. Иако одржливоста ја оценуваат инвеститорите, тој рече дека САД „охрабруваат инфраструктура што ја диверзифицира европската енергетска мрежа“.

РЕКЛАМА

Американската корпорација за финансиски развој (DFC) веќе разгледува можности за финансирање на офшор проекти и ЛНГ инфраструктура, потврди Хелберг.

Според Хелберг,еден од приоритетите на американската администрација е т.н. Вертикален коридор, кој ќе ја поврзе Грција со Украина и ќе овозможи алтернативен енергетски проток кон Источна Европа.

„Овој проект е најконкретниот одговор на енергетските потреби на регионот,“ рече Хелберг, откривајќи дека американската амбасада во Атина го има меѓу врвните приоритети. Се работи на модели за финансирање, но конкретни рокови не се објавуваат поради тековни преговори.

Хелберг ја пофали и експанзијата на ЛНГ-инфраструктурата во Грција, особено FSRU терминалот во Александрополис, кој го нарече „game changer“ за регионалната енергетска безбедност.

Во врска со интересот на американската компанија Chevron за офшор блоковите јужно од Крит и Пелопонез, области што Анкара ги смета за спорни, Хелберг не коментираше територијални прашања, но потврди дека САД се „целосно посветени“ на заштита на приватните инвестиции и на регионална стабилност.

При посетата на Атина, САД и Грција ја потпишаа Заедничката декларација за економска безбедност, насочена кон развој на инфраструктура за новата енергетска и дигитална економија.

Хелберг истакна дека растот на вештачката интелигенција ги зголемува потребите за минерали, енергија и напреден хардвер, што отвора голем простор за соработка. Еден од разгледуваните проекти е и изградба на гига-ватски компјутинг кластер во Грција.

Во интервјуто, Хелберг порача дека претседателот Трамп ја гледа Грција како „мост меѓу Блискиот Исток и Европа“ и како стратешки партнер во енергијата, транспортот и дигиталните комуникации.

„Грција е цивилизациски сојузник, чија традиција го обликувала западниот свет,“ рече Хелберг, додавајќи дека потпишувањето на првата заедничка декларација за економска безбедност со Грција било „особена чест“ за администрацијата на Трамп.

Извор: Ekathimerini.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба