Скопје. 6 октомври 2025 – Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, во интервју за „Вечер“ минатата недела, изјави дека очекува одложување на јаглеродната такса (CBAM), бидејќи Македонија, како и земјите од регионот, не е подготвена за нејзина примена. Според него, токму од оваа одлука и од тендерите за набавка на електрична енергија ќе зависи дали струјата од наредната година ќе поскапи.
„Кога оваа такса се воведуваше во Европската Унија, државите добиваа сериозна финансиска поддршка. Бараме и ние како држава да добиеме субвенции во разумен период“, истакнува Бислимоски. Тој предупредува дека без ваква помош, јаглеродната такса ќе стане дополнителен товар за домашните производители и ќе го наруши пазарот на електрична енергија.
Рокот за поднесување на пресметките за трошоците за пренос и дистрибуција на електрична енергија од МЕПСО, Електродистрибуција, „ЕВН хоум“ и МЕМО веќе истече, а РКЕ треба да ги донесе новите тарифи најдоцна до 30 ноември. Тие одлуки ќе важат од следната година, а нивната висина ќе зависи и од тендерите за набавка на електрична енергија, кои допрва треба да се распишат.
Бислимоски нагласи дека во последните четири години Македонија инсталирала 1.070 MW од обновливи извори – фотоволтаици и ветерници. „Првпат во 2024 година повеќе од 50% од инсталираниот капацитет е од обновливи извори, а произведената електрична енергија од зелени извори достигна 40%. Очекуваме овој тренд да продолжи и во следните години“, вели тој.
Шефот на РКЕ смета дека снабдувањето со енергенси е стабилно и не очекува проблеми во текот на зимата. Дел од јагленот за РЕК „Битола“ се увезува, дел е домашно производство, но поради неговиот слаб квалитет, електраната и кога работи со три блока произведува како да работи со два. „РЕК ‘Битола’ е застарен капацитет и потребни се сериозни вложувања во нови гасни електрани кои постепено ќе ги заменат термоелектраните“, нагласи Бислимоски.
Тој објасни и дека веќе е издадена првата лиценца за поставување батерии, а новите фотоволтаични централи ќе мора да имаат најмалку 20% батериски капацитет за балансирање на системот. „Инвестирањето во батериски системи е сериозно интензивирано, тоа е тренд во целиот регион“, додаде тој.
Според Бислимоски, и покрај зголеменото производство на обновлива енергија, Македонија и натаму плаќа најскапа струја во регионот. Домашните компании купуваат електрична енергија на берзи по 20–30% повисоки цени од европските, што ја зголемува цената на производството и ја намалува конкурентноста на македонските производи.
Енергетика 24