Меѓународното здружение за хидроенергија (IHA) и здружението Eurelectric минатата недела ја објавија Париската декларација, документ со кој повеќе од 50 компании и асоцијации од енергетскиот сектор ја повикуваат Европската унија и националните влади да создадат услови за инвестирање во реверзибилни хидроелектрани – најисплатливата технологија за долгорочно складирање на енергија.
Потписниците предупредуваат дека Европа итно мора да обезбеди капацитети за складирање електрична енергија, со цел да се гарантира стабилно, одржливо и достапно снабдување во услови на енергетска транзиција. Според декларацијата, до 2050 година околу 86% од европската електропроизводство ќе зависи од променливи извори како соларни и ветерни електрани, што ја зголемува потребата од технологии за балансирање и сигурност на мрежата.
Реверзибилните хидроелектрани се оценети како клучно решение: тие обезбедуваат над 90% од глобалните капацитети за долгорочно складирање и имаат најголем потенцијал за зголемување на моќноста. Во моментов, во Европа постојат 48 GW инсталирана моќност, додека во подготовка се нови проекти со капацитет од над 700 GWh складирана енергија.
Декларацијата бара од ЕУ посебна правна рамка за долгорочно складирање, укинување на двојното плаќање на мрежарини и забрзување на дозволите за нови проекти. Според иницијаторите, со силна политичка поддршка Европа може да го удвои својот капацитет за складирање во рок од 25 години.
Дел од документот потсетува на улогата на реверзибилните хидроелектрани за време на масовниот прекин на струја во Шпанија и Португалија на 28 април годинава. Тогаш, овие постројки во првите часови обезбедија клучна поддршка за стабилизирање на мрежата, благодарение на способноста за самостоен повторен старт без надворешен извор на струја.
Поддршка за Париската декларација дадоа водечки компании како EDF, Iberdrola, Enel, Statkraft, Verbund и GE Vernova, кои ја гледаат како стратегиски чекор за обезбедување на европска енергетска иднина заснована на чисти извори.
Извор: Hydropower.org