Брисел. 4 септември 2025 – Европа во првата половина од годинава изгради 6,8 гигавати нов капацитет од ветерна енергија, што е помалку од очекувањата и недоволно за остварување на климатските и енергетските цели на ЕУ до 2030 година, соопшти здружението WindEurope.
Од новоизграденото, 5,3 гигавати се во рамките на ЕУ, а дури 89% се копнени ветерници. Вкупниот капацитет на ветерна енергија во Европа сега изнесува 291 гигават – од кои 254 на копно и 37 на море.
Германија предничи во развојот со план за изградба на 5 гигавати копнени ветерници годинава, речиси тројно повеќе од просекот во последните пет години. Ова се должи на брзото спроведување на новите правила на ЕУ за дозволи, кои овозможуваат постапките да се завршат за 18 месеци.
Во другите земји, пак, дозволувањето се одвива многу побавно. Ниту една од останатите 26 членки на ЕУ не ги почитува роковите од 24 месеци утврдени во директивата REDIII, а во некои држави процесите дури и се влошуваат.
Поради бавните дозволи, слабата модернизација на електромрежата и застојот во електрификацијата, WindEurope ја намали прогнозата за нови капацитети во 2025 година од 22,5 на 19 гигавати. За ЕУ, очекувањата паднаа од 17 на 14,5 гигавати. Тоа значи дека до 2030 година Унијата ќе достигне 344 гигавати ветерна енергија, далеку под целта од 425 гигавати.
„Ветерната енергија е конкурентна, ја намалува цената на струјата, обезбедува независност од увоз на фосилни горива и отвора работни места. Но владите не успеваат доволно брзо да ги издаваат дозволите и да градат нови капацитети“, предупреди извршниот директор на WindEurope, Џајлс Диксон.
И покрај недостигот на нови инсталации, инвестициите и нарачките за турбини растат. Во првата половина на 2025 година донесени се финансиски одлуки во вредност од 34 милијарди евра за нови ветерни паркови – повеќе отколку во целата 2024 година. Со тие средства ќе се изградат 14 гигавати нов капацитет, а најголемиот дел, 22 милијарди евра, се вложени во офшор проекти, меѓу кои и најголемата приватна инвестиција во историјата на Полска.
Во истиот период се нарачани 11,3 гигавати турбини – 19% повеќе отколку лани.
Според WindEurope, доколку Европа не го забрза развојот на ветерната енергија, ќе ја загрози сопствената конкурентност во трката со Кина и САД.
Извор: WindEurope.org