WindEurope бара посебен европски фонд за ветерна енергија

Брисел. 22 август 2025 – Организацијата WindEurope повика на формирање специјален европски фонд за ветерна енергија, по повод презентацијата на новата Мултигодишна финансиска рамка на ЕУ (2028–2034) од Европската комисија.

Иако предлог-буџетот од 1,985 трилиони евра, најголемиот досега, ја поедноставува регулативата и ја поттикнува иновацијата, WindEurope предупредува дека во него нема целна поддршка за ветерната енергија, која ја оценува како клучен столб на европската индустрија.

Организацијата нагласува дека Европа сè уште е светски лидер во оваа технологија: речиси сите ветерни турбини во Унијата се произведуваат од европски компании. Секторот годишно додава 54 милијарди евра во БДП, обезбедува 370.000 работни места, а секоја нова турбина на копно придонесува со 16 милиони евра во економијата, додека офшор турбините со 45 милиони.

РЕКЛАМА

Но, конкуренцијата расте. Кинеските компании, велат од WindEurope, добиваат државна поддршка, инвестираат тројно повеќе во истражување и иновации и нудат пониски цени со поволни финансиски услови.

За да ја зачува својата предност, организацијата предлага создавање Европски истражувачки и конкурентски фонд за ветерна енергија како под-фонд во рамките на Европскиот фонд за конкурентност. Бараниот буџет е 11,6 милијарди евра, што претставува само 0,6% од целокупниот буџет на ЕУ:

  • 2,1 милијарда за истражување,
  • 9 милијарди за проширување на производството и конкурентноста,
  • 500 милиони за привлекување приватни инвестиции.

WindEurope истакнува дека новиот буџет мора да се надоврзе на Net-Zero Industry Act, со вложувања во технологии кои ќе ја намалат зависноста од фосилни горива и трошоците за електрична енергија.

Дополнително, организацијата предупредува дека планот на Комисијата не предвидува посебна поддршка за пристаништа – иако тие се клучни за развој на офшор ветерни паркови. Во последните три години во пристаништа и бродови се инвестирани 6,7 милијарди евра, но потребни се уште најмалку 6,4 милијарди.

Преговорите за новата финансиска рамка започнаа, а претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен ќе претстави дополнителен пакет предлози на 3 септември. Очекувањата се конечниот договор меѓу земјите членки и Европскиот парламент да биде постигнат до декември 2027 година. Во меѓувреме, WindEurope најавува дека ќе продолжи со притисок за формирање на фонд што ќе ја обезбеди европската лидерска позиција во ветерната енергија и енергетската независност на ЕУ.

Извор: WindEurope.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба