Словенија и Хрватска со нови поскапувања на горивата, дизелот се приближува до 2 евра

Цените на горивата во Словенија и Хрватска се очекува дополнително да пораснат од вторник, при што дизелот во Словенија би можел да ја надмине границата од две евра за литар, додека во Хрватска се очекува да достигне 1,95 евра, јавија хрватски и словенечки медиуми.

Во Словенија, според пресметките на весникот „Фајненс“, доколку Владата не ги промени акцизите, литар дизел би можел да чини 2,01 евро, бензинот 1,77 евра, а мазутот 1,70 евра. Тоа би значело дека за резервоар од 50 литри би биле потребни 100,50 евра за дизел и 88,50 евра за бензин.

Словенечката Влада, сепак, веќе презеде мерки за ублажување на растот на цените. Од 22 септември од пресметката на моделните цени на бензинот и дизелот се исклучуваат биокомпонентите, со што, според министерот за животна средина, клима и енергетика Јернеј Вртoвец, растот на цената на дизелот ќе биде ублажен за околу седум центи за литар.

РЕКЛАМА

Словенечкото Министерство за финансии очекува мерката значително да го намали поскапувањето на дизелот во споредба со цената што би произлегла според досегашниот модел, додека ефектот кај бензинот ќе биде помал.

Словенија истовремено ја очекува одлуката на Европската комисија за можноста за дополнително намалување на акцизите. Вртoвец оцени дека позитивен одговор од Брисел би ѝ дал на Владата дополнителен простор за интервенција.

Во Хрватска, според актуелните пресметки објавени од „Дневник Нова ТВ“, од вторник литар евро дизелот би можел да поскапи за 10 центи, од сегашните 1,85 на 1,95 евра, што би била највисока цена досега.

Паралелно, син дизел би можел да поскапи за 11 центи, на 1,51 евро за литар, додека еуросупер 95 би достигнал 1,75 евра, што е зголемување од два центи.

Конечните цени во Хрватска, сепак, ќе зависат од одлуката на Владата и евентуалните мерки преку акцизите и трговските маржи.

„Според нашите пресметки, цената без интервенција на Владата би изнесувала 2,16 евра. Сегашната цена на дизелот е 1,85 евра“, изјави директорот на Управата за енергетика Жељко Кревељ.

Тој додаде дека конечната одлука ќе биде донесена откако ќе заврши пресметковниот период и ќе бидат достапни сите податоци од берзите.

Поскапувањето на горивата во двете земји доаѓа во услови на високи цени на нафтата, поттикнати од нарушувањата на енергетската инфраструктура и транспортните рути на Блискиот Исток. Цената на северноморскиот Брент на почетокот на неделата надмина 109 долари за барел, пред подоцна да се спушти кон 103 долари.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил