Eурелектрик: Паметните тарифи може да ги намалат потребите за инвестиции во мрежата за 18%

Подобро дизајнираните мрежни тарифи, заедно со поголема флексибилност, дигитализација и навремени инвестиции, може значително да придонесат за поефикасно користење на европската електроенергетска мрежа и да ги намалат вкупните потреби за инвестиции до 18% оценува европското здружение на електроенергетскиот сектор Еурелектрик.

Во новиот документ „Grid for Speed“, објавен во текот на вчерашниот ден, здружението нагласува дека растечката побарувачка за електрична енергија и забрзаната електрификација во Европа создаваат итна потреба за зајакнување и модернизација на мрежната инфраструктура.

Според Еурелектрик, оптималниот дизајн на тарифите има клучна улога во поефикасното користење на постојната мрежа, одржувањето на конкурентни цени на електричната енергија и создавањето услови за развој на мрежните капацитети таму каде што се најпотребни.

РЕКЛАМА

– Тарифите не треба да создаваат пречки за ефикасното функционирање на внатрешниот пазар на електрична енергија, ниту да ја нарушуваат конкуренцијата на големопродажните пазари, се наведува во документот.

Еурелектрик, кој обединува повеќе од 3.500 членки од европскиот електроенергетски сектор, смета дека подоброто искористување на постојната инфраструктура и подоброто долгорочно планирање на мрежата би можеле да ги намалат вкупните потреби за инвестиции до 18%.

Тоа, според проценката на здружението, би било еквивалентно на заштеда од околу 55 милијарди евра годишно.

Како клучни елементи за поефикасен електроенергетски систем се издвојуваат флексибилноста, дигитализацијата и навременото, односно антиципативно инвестирање во мрежата. Целта е инфраструктурата да може да го следи растот на потрошувачката и новите потреби што ги создаваат електрификацијата, обновливите извори и новите електрични товари.

Еурелектрик истовремено повикува на регулаторна рамка која ќе обезбеди предвидливи приходи за операторите на дистрибутивните мрежи и ќе овозможи навремено донесување инвестициски одлуки, но и ќе ги земе предвид националните и локалните специфики.

Во документот се посочува дека е потребно внимателно да се балансираат флексибилноста и усогласувањето на тарифите, особено во областите каде различниот пристап кон тарифите би можел да влијае врз функционирањето на внатрешниот европски пазар.

Од Еурелектрик предупредуваат дека во актуелната регулаторна рамка недостасуваат одредени елементи неопходни за поголема регулаторна сигурност и за олеснување на големите инвестиции што ќе бидат потребни за европската електроенергетска мрежа.

Според здружението, со насочени измени регулаторниот пристап би можел подобро да ги поддржи оперативните потреби и инвестициските одлуки, а истовремено да ја зачува достапноста на електричната енергија, конкурентноста и ефикасното функционирање на европскиот внатрешен пазар на долг рок.

Извор: Eurelectric.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил