Нуклеарните централи со рекордно производство во 2025 година

Нуклеарните централи во светот во 2025 година произведоа рекордни 2.702 TWh електрична енергија, што е за 35 TWh повеќе од претходната година, покажува World Nuclear Outlook Report 2026.

Нуклеарната енергија обезбеди околу 9% од глобалното производство на електрична енергија, со што рекордот е достигнат втора година по ред. Растот главно доаѓа од Азија, додека производството во Западна и Централна Европа се намалило поради затворањето на дел од реакторите.

Паралелно со растот на производството, нуклеарните централи ја задржуваат високата оперативна сигурност. Просечниот фактор на расположливост во 2025 година достигнал 83,7%, без забележително влошување на перформансите кај реакторите постари од 40 години.

РЕКЛАМА

Токму поради тоа, авторите на извештајот оценуваат дека продолжувањето на работниот век на постојните нуклеарни централи е еден од најбрзите и најисплатливите начини за обезбедување електрична енергија со ниски емисии.

Во исто време, глобалниот нуклеарен сектор влегува во нов инвестициски циклус. Во 2025 година започна изградбата на 11 нови реактори, од кои девет во Кина и два во Русија. Три реактори беа приклучени на електроенергетската мрежа, додека седум беа трајно затворени.

Плановите на државите и најавените проекти, според извештајот, се доволно амбициозни за да овозможат тројно зголемување на глобалниот нуклеарен капацитет до 2050 година. Доколку се реализираат националните стратегии и сите најавени проекти, капацитетот би можел да достигне до 1.457 GW.

Сепак, извештајот предупредува дека плановите сами по себе нема да бидат доволни. Клучни предизвици остануваат обезбедувањето финансирање, поефикасните регулаторни процедури, зајакнувањето на синџирите на снабдување и обезбедувањето квалификувана работна сила.

Во нуклеарната стратегија сè поголемо место имаат и малите модуларни реактори (SMR), но авторите истакнуваат дека паралелно со изградбата на нови големи и мали реактори ќе биде важно да продолжат да работат и постојните нуклеарни централи.

Извор: World-nuclear.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил