Португалија: Соларната енергија за првпат главен извор на струја во јули

Соларната енергија во јули за првпат стана најголем поединечен извор на електрична енергија во Португалија, покажуваат податоците на операторот на електроенергетскиот систем Redes Energéticas Nacionais (REN).

Обновливите извори во јули покриле 53% од потрошувачката на електрична енергија во земјата, при што фотоволтаичните централи имале удел од 19%. По соларната енергија следувале хидроенергијата со 16%, ветерот со 13% и биомасата со 5%.

Рекордното производство од соларните централи во Португалија било достигнато на 29 јуни во 13:30 часот, кога производството достигнало околу 3.800 MW.

РЕКЛАМА

Иако соларната енергија во јули била водечки извор, хидроенергијата и ветерот имаат поголем придонес во периодот од почетокот на годината. Во првите седум месеци од 2026 година, обновливите извори покриле 68% од вкупната потрошувачка. Хидроенергијата учествувала со 27%, ветерната енергија со 24%, соларната со 12%, а биомасата со 5%.

Во јули, сепак, продуктивноста на соларните и ветерните капацитети била под историскиот просек. Индексот на продуктивност изнесувал 0,89 за соларната и 0,71 за ветерната енергија, додека кај хидроенергијата бил значително повисок – 1,26.

Нефосилното производство, односно изворите што не се базираат на природен гас и други фосилни горива, обезбедиле уште 13% од електричната енергија во јули, додека 34% од потребите биле покриени со увоз од Шпанија.

Потрошувачката на електрична енергија во Португалија во јули била за 3% повисока во однос на истиот месец лани. За првите седум месеци од годината, растот изнесува 3,5%.

Паралелно со растот на потрошувачката на електрична енергија, во периодот јануари-јули е регистриран и пораст на потрошувачката на природен гас од 4,1%.

Најголем дел од природниот гас што го увезува Португалија доаѓа од Нигерија и САД, кои заедно учествуваат со 86% од вкупните количини – Нигерија со 53%, а САД со 33%.

Извор: Ren.pt

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил