Трамп до Exxon и Chevron: Заработувате премногу, намалете ги цените на горивата

Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини нафтените гиганти ExxonMobil и Chevron дека остваруваат преголеми профити поради високите цени на горивата и побара од нив да ги намалат малопродажните цени за потрошувачите.

Изјавата доаѓа само неколку дена откако двете компании објавија рекордни резултати за вториот квартал од годинава, поттикнати од растот на цените на нафтата и горивата поради војната меѓу Иран и Израел и нарушувањата во снабдувањето на светскиот пазар.

„Не ми се допаѓа тоа. Chevron заработува премногу, ExxonMobil исто така. Премногу пари“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.

РЕКЛАМА

Тој порача дека компаниите треба „да им вратат дел од тие пари на граѓаните“ преку намалување на цените на бензинот и дизелот.

Претходно истиот ден, Трамп преку својата социјална мрежа Truth Social го критикуваше и извршниот директор на Chevron, Мајк Вирт, затоа што во телевизиско интервју не ја споменал улогата на неговата администрација во поддршката на американската нафтена индустрија.

„Единственото што удобно заборави да го каже е дека без генијалноста, визијата, силата и стабилноста на администрацијата на Трамп, нафтената индустрија, а и самата државa, ќе беа мртви“, напиша Трамп.

Тој како пример ја наведе Венецуела, истакнувајќи дека Chevron повторно работи во таа земја благодарение на политиките на неговата администрација и дека компанијата сега очекува значителни приходи.

Од Американскиот институт за нафта (API), кој ги претставува интересите на нафтената индустрија, возвратија дека актуелните високи цени не се резултат на политиката на компаниите, туку на глобалните пазарни услови.

„Денешните високи цени се последица на глобалната понуда и побарувачка, како и на неизвесноста околу Ормускиот Теснец и другите клучни поморски транспортни рути, а не на одлуките на поединечни компании“, соопштија од API.

Трамп, кој проширувањето на домашното производство на нафта и гас го постави како еден од главните приоритети на својата енергетска политика, повторно побара компаниите да ги намалат цените на горивата.

„Треба да ја намалат малопродажната цена, цената за потрошувачите“, рече тој, додавајќи дека цените на суровата нафта „драматично ќе паднат“ кога ќе заврши конфликтот со Иран.

Војната на Блискиот Исток доведе до нагло поскапување на нафтата и горивата. Просечната цена на бензинот во САД во моментов изнесува околу 4,10 долари за галон, што е повеќе од 30% повисоко во споредба со периодот пред почетокот на конфликтот.

Минатата недела ExxonMobil и Chevron објавија дека нивните профити повеќе од двојно се зголемиле во вториот квартал, додека и американските рафинерии, меѓу кои Valero Energy и Marathon Petroleum, пријавија значително повисока добивка благодарение на растот на цените на суровата нафта и повисоките рафинериски маржи.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил