Хрватска: 20 милиони евра субвенции за купување електрични возила

Хрватскиот Фонд за заштита на животната средина и енергетска ефикасност наесен ќе отвори нов повик за субвенционирање на купувањето енергетски ефикасни возила за граѓаните, за што се обезбедени 20 милиони евра.

Новата програма беше најавена на завршната конференција на проектот „Возиме ЕКОномично“, а деталните услови за аплицирање ќе бидат објавени дополнително. Според најавите, јавниот повик се очекува да биде распишан во октомври.

Директорот на Фондот, Лука Бален, истакна дека развојот на електричната мобилност претставува еден од клучните столбови на зелената транзиција во земјата.

РЕКЛАМА

„Во изминатите години од национални средства се инвестирани околу 63 милиони евра за набавка на повеќе од 11.000 енергетски ефикасни возила. Минатата година за компаниите и занаетчиите беа обезбедени повеќе од 21 милион евра, со што беше одобрено кофинансирање за околу 2.500 возила. Оваа година продолжуваме со поддршка на граѓаните преку нови 20 милиони евра“, изјави Бален.

Државната секретарка во Министерството за заштита на животната средина и зелената транзиција, Тања Радиќ Лакош, оцени дека субвенциите не само што го зголемуваат бројот на електрични возила на хрватските патишта, туку придонесуваат и за развој на пазарот и инфраструктурата за полнење.

Таа потсети дека во моментов е активен и повик вреден 45 милиони евра за набавка на возила со нулта емисија наменети за такси-превозници и корисници на лесни комерцијални возила. Дополнително, во подготовка е нов финансиски инструмент преку Хрватската банка за обнова и развој (ХБОР) во вредност од уште 45 милиони евра, додека преку идниот Социјален план за климатска политика се предвидени инвестиции од речиси 974 милиони евра во одржлива мобилност.

Главниот советник во Министерството за море, транспорт и инфраструктура, Ивица Ровис, нагласи дека декарбонизацијата на транспортот и развојот на електричната мобилност остануваат меѓу стратешките приоритети на Владата, која ќе продолжи со инвестиции во транспортната инфраструктура и создавање услови за поширока примена на возила со алтернативен погон.

На конференцијата беше оценето дека натамошниот развој на електричната мобилност ќе зависи од континуитетот на програмите за субвенционирање, проширувањето на мрежата на јавни полначи и соработката меѓу државата, стопанството и граѓаните.

Според организаторите, досегашните мерки придонеле за забрзан раст на бројот на електрични возила во Хрватска, а новиот пакет субвенции треба дополнително да ја поттикне транзицијата кон транспорт со ниски емисии на штетни гасови.

Извор: Jutarnji.hr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил