Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја одобри новата Стратегија за транзиција кон зелена економија за периодот 2026–2030, со која планира значително зголемување на инвестициите во зелени проекти и забрзување на климатската транзиција во земјите каде што работи.
Стратегијата беше усвоена на последната седница на Одборот на директори и ќе биде дел од Стратешката и капитална рамка на Банката за периодот 2026–2030. Таа ја дефинира насоката на институцијата во следните пет години со цел развој на конкурентни, отпорни и пазарно ориентирани економии кои ќе ја спроведуваат зелената транзиција, притоа обезбедувајќи енергетска сигурност.
Со документот ЕБОР поставува повисоки амбиции во областа на зеленото финансирање, со фокус на намалување на емисиите, прилагодување на климатските промени и заштита на природата. Активностите ќе бидат насочени кон шест клучни економски системи: енергетика, индустрија, агро-прехранбен сектор, транспорт, урбан развој и финансиски сектор.
Банката се обврзува до 2030 година да го зголеми вкупното зелено финансирање на најмалку 150 милијарди евра, вклучувајќи сопствени средства и мобилизирани приватни инвестиции. Воедно, најмалку 50% од годишниот обем на работење на ЕБОР ќе биде насочен кон зелени проекти, а бројот на проекти со компонента за климатска отпорност треба да се зголеми за 50%.
Претседателката на ЕБОР, Одил Рено–Басо, изјави дека земјите во кои работи Банката се сè повеќе изложени на последиците од климатските промени.
„Со отстранување на пазарните бариери и забрзување на зелените решенија во енергетиката, индустријата, агро-прехранбениот сектор, транспортот, градовите и финансиите, одговараме на потребите на нашите клиенти и им помагаме да ги намалат климатските ризици, истовремено зајакнувајќи ја конкурентноста и енергетската сигурност“, истакна Рено–Басо.
Стратегијата е одговор на растечките климатски предизвици во регионите каде што инвестира Банката, брзиот развој на зелените технологии и зголемената побарувачка за финансиска и стратешка поддршка за енергетска и економска трансформација.
Од 2006 година досега ЕБОР има инвестирано повеќе од 75 милијарди евра во зелени проекти. Само во 2025 година, повеќе од половина од годишниот обем на инвестиции на Банката бил насочен кон зелени иницијативи, што ја одразува зголемената побарувачка и силната инвестициска динамика во земјите од нејзиното работење.
Извор: EBRD.com
