Европа мора значително да ја забрза електрификацијата на економијата ако сака истовремено да ги намали трошоците за енергија, да ја зајакне енергетската безбедност и да ја зачува конкурентноста на индустријата, оценува Светскиот економски форум (WEF) во анализа објавена во текот на вчерашниот ден.
Според WEF, преминот од систем базиран на фосилни горива кон систем во кој електричната енергија, обновливите извори и складирањето имаат централна улога, претставува една од најважните стратешки одлуки за иднината на европската економија.
Анализата се повикува на најновиот извештај на Copenhagen Infrastructure Partners (CIP), „Charging Ahead: A Roadmap for an Electrified, Competitive and Resilient European Energy System“, кој разгледува три можни сценарија за европскиот енергетски систем до 2050 година.
Струјата може да стане главниот енергетски носител
WEF наведува дека електричната енергија денес учествува со околу 21% во финалната енергетска побарувачка во Европа, но тој удел би можел да достигне 55% до 2050 година.
Таквата промена би опфатила широк спектар на сектори, од греење и ладење на објектите и дел од индустриските процеси, до патниот транспорт.
Иако побарувачката за електрична енергија ќе расте, вкупната финална потрошувачка на енергија во Европа би можела да се намали за повеќе од една третина до 2050 година, благодарение на повисоката ефикасност на електричните технологии.
WEF посочува дека електрифицираните технологии можат да испорачаат иста услуга со значително помалку енергија отколку системите базирани на согорување фосилни горива.
Европа и натаму е изложена на увозот на фосилни горива
Европа во моментов се соочува со троен предизвик, високите трошоци за енергија, енергетската отпорност и декарбонизацијата.
Околу 40% од примарната енергетска побарувачка во Европа и натаму се покрива со увозни фосилни горива, што ја остава економијата изложена на глобалните ценовни и геополитички шокови.
WEF посочува дека неодамнешните нарушувања на глобалните енергетски пазари повторно ја покажаа оваа ранливост. Во такви услови, производството на електрична енергија од домашни обновливи извори може да ја намали зависноста од увозот и да создаде постабилна база на енергетски трошоци.
Според сценариото за конкурентен и отпорен енергетски систем на CIP, европските цени на електричната енергија би можеле да бидат околу 40% пониски од денешните нивоа, главно поради замена на производството од гас со обновливи извори.
Истовремено, увозот на фосилни горива би можел да се намали за околу 80%, со што надворешната енергетска зависност би паднала на околу 10% до 2050 година.
Но, Европа има проблем со мрежите
Најголемото ограничување за ваквата трансформација не е производството на зелена енергија, туку инфраструктурата потребна таа енергија да стигне до потрошувачите.
Европските електроенергетски мрежи се развивале за систем со големи, централизирани електрани. Новиот енергетски модел бара мрежи способни да интегрираат голем број соларни и ветерни централи, батерии и децентрализирани производители, а истовремено да одговорат на растечката побарувачка од електрични возила, топлински пумпи, индустријата и дата-центрите.
Според податоците наведени од WEF, недостигот од мрежен капацитет веќе претставува пречка за енергетската трансформација во речиси половина од земјите на ЕУ.
Финска е еден од најилустративните примери. Операторот Fingrid во 2025 година регистрирал барања за нови производни капацитети чиј вкупен обем бил околу 15 пати поголем од сегашниот производен капацитет на земјата.
Тоа покажува колку брзо расте интересот за нови енергетски проекти во споредба со способноста на мрежата да ги прифати.
€5,2 трилиони инвестиции до 2050 година
За да се реализира електрификацијата, Европа ќе мора да мобилизира огромен капитал.
Според проценките презентирани во извештајот на CIP, до 2050 година ќе бидат потребни околу €5,2 трилиони инвестиции во европскиот енергетски систем, од кои околу €2,9 трилиони за електроенергетските мрежи.
Одложувањето на инвестициите, пак, може директно да ги зголеми трошоците за потрошувачите.
CIP проценува дека секое дополнително одложување од две години во изградбата на мрежата може да значи 8 до 10 евра/MWh дополнителен трошок за потрошувачите.
Поради тоа, проширувањето и модернизацијата на мрежите стануваат една од најважните инвестиции во европската енергетска политика.
Приватниот капитал ќе биде неопходен
WEF оценува дека јавните средства сами по себе нема да бидат доволни за финансирање на оваа трансформација. За да се привлече приватен капитал, потребни се стабилна регулатива, предвидлив пазарен дизајн и долгорочна инвестициска сигурност.
Дополнителен проблем е тоа што електричната енергија во дел од европските пазари е оптоварена со даноци и давачки кои не се применуваат во иста мера кај фосилните горива. Тоа ја намалува економската мотивација за премин кон електрични технологии.
Европската комисија веќе ја поставува електрификацијата високо на агендата. Според WEF, целта е уделот на електричната енергија во финалната енергетска побарувачка да достигне 32% до 2030 година, што би било значаен чекор кон долгорочната трансформација.
Пораката на WEF е дека европската енергетска политика не треба да ја третира конкурентноста, енергетската безбедност и декарбонизацијата како одделни цели.
Електрификацијата може да биде заедничката стратегија за сите три – но само ако Европа навреме ги изгради мрежите, го привлече потребниот капитал и создаде регулаторни услови за инвестиции.
Технологијата веќе постои. Прашањето е дали Европа ќе може доволно брзо да ги усогласи политиките, пазарите и инвестициите за да ја искористи.
Извор: Weforum.org
