Управниот одбор на Европската инвестициска банка (ЕИБ) одобри ново финансирање во вредност од 9,2 милијарди евра за зајакнување на конкурентноста на европските компании, забрзување на енергетската транзиција и зголемување на енергетската автономија на Европската Унија.
Речиси половина од одобрениот пакет, односно 4,3 милијарди евра, ќе бидат насочени кон компании во Хрватска, Чешка, Франција, Грција, Италија, Полска, Романија, Словачка и Шпанија.
Средствата ќе се пласираат преку локални банки, а приоритет ќе имаат малите и средните претпријатија што работат во секторите на безбедноста и одбраната, вселенската индустрија, енергетиката и земјоделството.
Во енергетскиот сектор, ЕИБ одобри средства за електроенергетски мрежи во Германија и Грција, соларни проекти во Италија и инфраструктура за централно греење во Литванија.
Од банката оценуваат дека инвестициите во овие области ќе придонесат за намалување на зависноста на ЕУ од фосилни горива и за зајакнување на европската енергетска автономија.
„Финансирањето и гаранциите на Групацијата ЕИБ им помагаат на иновативните европски компании да растат и да се шират во клучни области, вклучително и енергетската автономија, вселената, безбедноста и одбраната“, изјави претседателката на Групацијата ЕИБ, Надја Калвињо.
Покрај енергетските проекти, одобрени се средства и за значајни инфраструктурни инвестиции, меѓу кои железничка врска меѓу Хрватска и Унгарија, како и за изградба и модернизација на болници во Франција и Полска.
ЕИБ со инвестиции и надвор од ЕУ
Дел од новиот пакет е наменет и за проекти надвор од Европската Унија. Финансирање е одобрено за електроенергетски мрежи во Бразил, соларна енергија и батериски системи за складирање во Египет, како и за поддршка на жени земјоделци во Кенија, Руанда, Танзанија и Уганда.
Средства се обезбедени и за медицинска опрема во Косово.
Од ЕИБ посочуваат дека инвестициите во земјите партнери се дел од стратегијата „Глобална порта“ (Global Gateway) на ЕУ, преку која Унијата настојува да ги продлабочи економските и стратешките партнерства со други региони.
Европската инвестициска банка е финансиска институција на ЕУ, во сопственост на 27-те земји членки. Во 2025 година, Групацијата ЕИБ потпишала 100 милијарди евра ново финансирање и советодавни услуги за повеќе од 870 проекти.
Извор: EIB.org
