Турција најави амбициозна енергетска стратегија до 2040 година, со која планира да привлече и реализира инвестиции од 500 милијарди долари, да го зголеми производството на домашна енергија и да ја намали зависноста од увоз на нафта и природен гас. Планот „Национална енергетска визија 2040“ предвидува значително проширување на капацитетите за обновлива енергија, развој на нуклеарната енергетика и големи инвестиции во електропреносната и дистрибутивната мрежа.
Министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, Алпарслан Бајрактар, соопшти дека целта е до 2040 година земјата целосно да ги покрива потребите од нафта и природен гас со домашно производство, а истовремено да ја трансформира електроенергетската инфраструктура за да одговори на растечката побарувачка.
Според проекциите, потрошувачката на електрична енергија во Турција ќе се зголеми од 365 терават-часови во 2025 година на 680 терават-часови во 2040 година. Од вкупната побарувачка, околу 90 терават-часови ќе отпаѓаат на електричните возила.
Една од целите е и намалување на енергетскиот интензитет на примарната енергија за 40% во периодот од 2025 до 2040 година, преку мерки за енергетска ефикасност. Според проценките на турската влада, тоа би донело заштеди од околу 240 милијарди долари во наведениот период.
Соларните и ветерните капацитети ќе достигнат 175 GW
Еден од главните столбови на стратегијата е проширувањето на производствените капацитети за електрична енергија. Турција планира инсталираната моќност да ја зголеми од 123 GW во 2025 година на 281 GW до 2040 година, за што се предвидени инвестиции од 190 милијарди долари.
Уделот на обновливите извори во вкупната инсталирана моќност треба да се зголеми од 63% на 77%.
Особено амбициозни се плановите за соларната и ветерната енергија. Соларните капацитети треба да пораснат од сегашните 26 GW на 112 GW, додека ветерните електрани од 15 GW на 63 GW. За ова проширување се планирани инвестиции од 100 милијарди долари.
Со тоа, вкупната инсталирана моќност од сонце и ветер би достигнала 175 GW, што е четирикратно зголемување во однос на сегашното ниво.
Паралелно со изградбата на нови производствени капацитети, Турција планира инвестиции од 116 милијарди долари во електропреносната и дистрибутивната инфраструктура.
Во преносната мрежа се предвидува зголемување на трансформаторскиот капацитет за 50% и должината на далекуводите за 30%. Планот вклучува и изградба на 28 GW високонапонски далноводи со еднонасочна струја (HVDC), со вкупна должина од 10.000 километри.
Во дистрибуцијата, целта е целосно воведување паметни броила, системи за далечинско следење и управување со мрежата (SCADA), како и урбани прстенести мрежи.
Стратегијата предвидува и забрзана електрификација на транспортот. До 2040 година Турција планира да има 20 милиони електрични возила и 1,5 милиони полначи.
Нуклеарната енергија ќе достигне 10 GW
Значајно место во енергетската визија има и нуклеарната енергија. Турција планира до 2040 година да достигне нуклеарен капацитет од 10 GW, преку развој на нуклеарните централи „Акују“, „Синоп“ и „Тракија“, како и воведување мали модуларни реактори (SMR).
Со ова, земјата планира да обезбеди дополнителен стабилен извор на електрична енергија, паралелно со брзиот раст на производството од обновливи извори.
Целосно покривање на потребите од нафта и гас со домашно производство
Во делот на нафтата, Турција планира дневната потрошувачка да ја намали од 993.000 барели во 2025 година на 718.000 барели во 2040 година, делумно преку електрификацијата на транспортот и другите сектори.
Истовремено, уделот на домашното производство во вкупната потрошувачка на нафта треба да се зголеми од 15% на 100%, со што би се елиминирала зависноста од увоз.
Слична цел е поставена и за природниот гас. Неговата потрошувачка се очекува да се намали од 59 милијарди кубни метри во 2025 година на 57 милијарди кубни метри во 2040 година, додека уделот на домашното производство во задоволувањето на потребите треба да порасне од 15% на 100%.
За нафтата и природниот гас заедно е поставена цел за производство од 1,7 милиони барели еквивалент на нафта дневно.
Државните енергетски компании со инвестиции од 210 милијарди долари
Значаен дел од планираните инвестиции ќе го реализираат петте државни енергетски компании, за кои е предвиден вкупен инвестициски обем од 210 милијарди долари.
Станува збор за турската електропреносна компанија ТЕИАШ, компанијата за производство на електрична енергија ЕУАШ, рударската компанија „Ети Маден“, Турската нафтена корпорација (ТПАО) и државниот оператор на гасоводната мрежа БОТАШ.
Бајрактар најави и дека Турција во наредните денови треба да го реализира првото производство на злато во Нигер, преку партнерство меѓу државната компанија „Ети Маден“ и МТАИК.
Според турската влада, реализацијата на „Националната енергетска визија 2040“ треба да овозможи вкупни инвестиции од 500 милијарди долари и отворање 108.000 директни работни места.
Стратегијата претставува обид Турција истовремено да одговори на растечката побарувачка за електрична енергија, да ги прошири домашните извори на енергија и да ја зајакне енергетската независност, со комбинирање на обновливите извори, нуклеарната енергија и домашното производство на фосилни горива.

Извор: Aa.com.tr
