Демократите најавуваат враќање на чистата енергија во САД, Трамп се заканува со вето

Демократите во САД најавуваат дека по преземањето на мнозинството во Претставничкиот дом и Сенатот во јануари ќе се залагаат за поголема поддршка на чистата енергија, со цел да се намалат трошоците за електрична енергија и да се спротивстават на енергетската политика на претседателот Доналд Трамп, насочена кон проширување на производството на фосилни горива.

По резултатите од минатонеделните избори за Конгресот, демократите ќе добијат можност да ја наметнат својата агенда во областа на енергетиката и климатските политики, кои традиционално се меѓу нивните приоритети. Сепак, нивните можности за спроведување суштински промени ќе бидат ограничени, бидејќи немаат доволно гласови за да го надминат евентуалното претседателско вето.

Меѓу најавените активности се истраги и сослушувања за одлуките на републиканската администрација за повлекување на климатските регулативи, укинување на грантовите за зелена енергија и запирање или забавување на проектите за обновливи извори.

РЕКЛАМА

Сенаторот Шелдон Вајтхаус од Род Ајленд, водечки демократ во Комитетот за животна средина и јавни работи на Сенатот, оцени дека нападите на Трамп врз чистата енергија ги зголемиле трошоците за даночните обврзници.

– Ќе го искористиме секој можен механизам за да ги намалиме трошоците за енергија на потрошувачите и ќе бараме одговорност за огромната корупција предизвикана од донаторите на Трамп од индустријата за фосилни горива – изјави Вајтхаус.

Извршниот директор на Американската асоцијација за чиста енергија, Џејсон Грумет, оцени дека изборните резултати им даваат нов поттик на компаниите и инвеститорите кои работат на развој на проекти за чиста енергија.

Од друга страна, Трамп најави дека ќе ги блокира законските предлози на демократите кои ќе ги оцени како неприфатливи. Сепак, во изјава за „Фокс њуз“ посочи дека по почетниот период на несогласувања и вета, би можел да најде заеднички јазик со новото мнозинство.

Белата куќа соопшти дека претседателот останува посветен на развојот на сигурни, достапни и безбедни извори на енергија, со цел намалување на цените, зајакнување на електроенергетската мрежа и заштита на националната безбедност.

Енергетската политика на Трамп се потпира на зголемување на производството на нафта, природен гас и јаглен, за кои администрацијата смета дека можат да обезбедат електрична енергија по пониски цени. Истовремено, неговата влада укина повеќе програми за поддршка на чистата енергија и го забави издавањето дозволи за вакви проекти, а особено се спротивставува на развојот на ветерните електрани на море.

Сепак, според експертите, евентуалното враќање на поддршката за обновливите извори не значи автоматски и пониски сметки за електрична енергија. Цените зависат и од трошоците за горивата, побарувачката и инвестициите потребни за одржување и модернизација на електроенергетската мрежа.

Лиса Сакс, директорка на Центарот за одржливи инвестиции при Универзитетот Колумбија, оцени дека изборните резултати им даваат на демократите поголемо влијание врз буџетските одлуки и можност да промовираат поусогласена енергетска политика, но клучно ќе биде дали ќе успеат да предложат мерки што навистина ќе донесат пониски трошоци за граѓаните.

Во рамките на најавените активности, демократите би можеле да се обидат да ги изменат одредбите од Законот за чист воздух, да го ограничат загадувањето со јаглерод диоксид и да се спротивстават на кратењето на буџетот на Агенцијата за заштита на животната средина.

Сепак, дел од аналитичарите очекуваат блокада на федерално ниво, со оглед на различните позиции на Белата куќа и новото конгресно мнозинство. Поголема можност за договор постои кај прашањата поврзани со реформата на постапките за издавање дозволи за енергетски проекти, за што поддршка би можела да дојде и од двете партии.

Поголема улога за сојузните држави

Поголем напредок во развојот на чистата енергија се очекува и на ниво на сојузните држави, каде што демократите остварија победи во гувернерските трки во неколку држави со долгогодишна републиканска власт, меѓу кои Тексас и Џорџија.

Политикологот Лиа Стоукс од Универзитетот во Калифорнија во Санта Барбара смета дека овие изборни резултати би можеле да отворат простор за поинтензивни климатски политики на државно ниво, каде што традиционално се иницираат значителен дел од мерките за енергетска транзиција.

Поранешниот гувернер на Вашингтон и демократски конгресмен Џеј Инсли, исто така, очекува засилување на поддршката за чистата енергија во државите во кои демократите ја презедоа извршната власт, особено таму каде што имаат мнозинство и во законодавните тела.

Според него, тоа може да биде значаен инструмент за враќање на САД меѓу водечките земји во глобалните климатски и енергетски политики, и покрај ограничувањата на федерално ниво.

Аналитичарите оценуваат дека во следните две години енергетската политика во САД ќе биде обележана со судир меѓу двата пристапа – републиканската стратегија за проширување на производството на фосилни горива и демократските заложби за поголеми инвестиции во обновливи извори и намалување на емисиите.

Извор: Apnews.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил