Интерконекторите со Грција и Србија се енергетски автопати на државата, а реформите треба да продолжат паралелно со заштитата на животниот стандард на граѓаните
Европската комисија препознава конкретни реформи и резултати во македонскиот енергетски сектор, од унапредувањето на законската рамка и развојот на пазарот на електрична енергија до инвестициите во обновливи извори, енергетската ефикасност и регионалното поврзување. Министерството за енергетика продолжува со реализација на инфраструктурните проекти и создавање услови за нови инвестиции, при што во подготовка се 67 енергетски проекти со вкупна планирана моќност од 4.416 MW.
Ова го истакнува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за „Булевар.мк“, осврнувајќи се на оценките во најновиот извештај на Европската комисија, развојот на домашното производство, гасното поврзување со соседните земји и заштитата на граѓаните од ценовни притисоци.
Како особено значајни резултати Божиновска ги издвојува Законот за обновливи извори на енергија, измените во законската рамка за енергетска ефикасност, методологијата за мерење на енергетската сиромаштија и воведувањето на пазарот на електрична енергија во тековниот ден, кој овозможува пофлексибилно тргување и полесно приспособување кон променливото производство од сонце и ветер.
Меѓу позитивните оценки на Европската комисија се наведуваат и повторното пуштање во употреба на продуктоводот Солун–Скопје, како и договорот на МЕПСО со регионалниот координативен центар SEleNe за подобра координација во управувањето со електропреносната мрежа.
Според податоците што ги посочува министерката, обновливите извори учествуваат со 58,22% во вкупната инсталирана моќност и со 46,37% во домашното производство на електрична енергија. Станува збор за два различни показатели – првиот го покажува уделот на обновливите извори во инсталираните производствени капацитети, а вториот нивниот придонес во реално произведената електрична енергија.
„Потенцијалот е значаен. За да се изградат планираните капацитети и да почнат со производство, потребни се инвестиции, соодветни дозволи, услови за приклучување и развој на електропреносната мрежа“, вели Божиновска.
Таа нагласува дека развојот на новите производствени капацитети мора да оди паралелно со модернизацијата на мрежата и складирањето на енергија, за системот да може сигурно да ја прифати и пренесе произведената електрична енергија.
Како пример за развојот на пазарните механизми ја посочува и првата аукција за гаранции за потекло, што ја организираше МЕМО на 28 октомври. Од понудените 35.000 гаранции за електрична енергија произведена од ветер, биле продадени 34.000. Овој инструмент им овозможува на компаниите да го докажат обновливото потекло на електричната енергија што ја користат, што станува сè поважно за нивната конкурентност на извозните пазари.
Гасните интерконектори како енергетски автопати
Во делот на регионалното поврзување, Божиновска како највидлив проект го издвојува интерконекторот со Грција, кој треба да обезбеди нов правец за снабдување со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно.
Според податоците на Министерството заклучно со 19 октомври, биле испорачани 64 километри цевки, 43 километри биле заварени, а 18 километри положени во ров. Експропријацијата била реализирана во 97% од предвидениот опфат. Проектот треба да биде завршен во 2027 година и да овозможи пристап до дополнителни извори и правци за снабдување преку грчкиот гасоводен систем.
Вториот значаен проект е интерконекторот со Србија. Договорот за македонскиот дел, потпишан на 27 август, предвидува проектирање и изградба на делница долга 22,4 километри, во вредност од 29,4 милиони евра, со планиран рок за завршување до крајот на 2028 година.
Дополнително, НОМАГАС се приклучи кон рамката за соработка на Вертикалниот гасен коридор, со што се отвора простор за поголема регионална координација и интегрирање на македонската гасна инфраструктура во поширокиот систем.
„Во Собранието овие врски ги нареков енергетски автопати на државата. Зад таа определба стојат изградбата на гасоводот со Грција, договорот за врската со Србија и рамката за регионална соработка. Секој од овие чекори придонесува за подобро поврзан и поотпорен енергетски систем“, истакнува министерката.
Според неа, новите гасни врски ќе овозможат поголем избор на снабдувачи, подобри услови за конкуренција и помала зависност од еден правец на снабдување. Сепак, за придобивките да стигнат до компаниите, јавните установи и домаќинствата, неопходно е паралелно да се развива и домашната дистрибутивна мрежа.
Постепени реформи без ценовен удар за граѓаните
Осврнувајќи се на препораките на Европската комисија за финансиската одржливост на ЕСМ и формирањето на цените, Божиновска вели дека забелешките се земаат предвид, но дека промените мора да се спроведуваат внимателно, со процена на нивното влијание врз граѓаните и стопанството.
Таа посочува дека, според процените на Министерството, продажната цена на ЕСМ за регулираното снабдување би можела и да се удвои доколку веднаш се премине на целосно пазарно формирање на оваа цена. Тоа, како што објаснува, би создало силен притисок врз крајните цени на електричната енергија.
„Затоа свесно ја избегнуваме наглата промена. Целта ни е да ги заштитиме граѓаните и стопанството од ценовен удар. За финансиски да го зајакнеме енергетскиот сектор, потребен е постепен пристап што ќе ги поштеди домаќинствата и економијата од нагло префрлање на целиот товар врз нив“, вели Божиновска.
Според неа, финансиското зајакнување на енергетскиот сектор треба да се постигне преку поголемо домашно производство, поефикасно работење на ЕСМ, контрола на трошоците и попрецизно насочена поддршка за ранливите домаќинства. Европската интеграција и заштитата на животниот стандард, нагласува таа, мора да одат паралелно.
Транспарентноста и резултатите како мерило за работата
Во интервјуто Божиновска се осврнува и на интерпелацијата за нејзината работа, која не беше изгласана во Собранието, оценувајќи дека институционалната одговорност треба да се мери преку конкретни резултати и проверливи податоци.
Како пример за соработката со Собранието го наведува донесувањето на Законот за енергетика. Во собраниската постапка биле поднесени 74 амандмани, од кои 64 биле прифатени, по 15 состаноци на работната група, јавни консултации и усогласување со Енергетската заедница.
Како значаен институционален резултат го издвојува и првото место на Министерството во Индексот на активна транспарентност за 2026 година, со максимална оценка од 100%, според рангирањето на Центарот за граѓански комуникации.
Божиновска посочува и дека наплатата на концесиските надоместоци во рударството се зголемила од околу 561,5 милиони денари во 2024 година на околу 1,222 милијарди денари во 2025 година, што претставува раст од повеќе од 660 милиони денари. Во истиот период биле раскинати 53 концесиски договори, а инспекцискиот надзор бил зајакнат со дополнителни тројца инспектори.
„Функцијата е привремена. Одговорноста кон државата останува“, порачува министерката, нагласувајќи дека резултатите треба да бидат проверливи, а за донесените одлуки институциите мора да можат да дадат јасно образложение.
Енергетика 24
