Словенија сè позависна од увоз на струја: домашното производство покрива 82,8% од потрошувачката

Словенија во 2025 година со домашно производство покрила 82,8% од потрошувачката на електрична енергија, што е значителен пад во однос на 97,1% во 2024 година, покажува извештајот на словенечката Агенција за енергетика.

Според податоците, домашното производство, со вклучена половина од производството на Нуклеарната електроцентрала „Кршко“, изнесувало 10.949 гигават-часови (GWh), додека потрошувачката на крајните потрошувачи со загубите во системот достигнала 13.228 GWh. Разликата од околу 2.279 GWh била обезбедена преку увоз.

Падот на домашното производство е поврзан пред сè со послабите хидролошки услови, кои довеле до намалено производство во хидроелектраните, но и со значително ограниченото работење на Термоелектраната „Шоштaњ“ (TEŠ).

РЕКЛАМА

На состојбата влијаело и редовното одржување на нуклеарната електроцентрала „Кршко“, која била надвор од погон од крајот на септември и во поголем дел од октомври 2025 година.

Извештајот покажува дека домашното производство на електрична енергија во 2025 година било за околу 11% пониско од претходната година. Во исто време, увозот достигнал 10.322 GWh, иако бил за 4% помал од 2024 година.

Словенечкото Министерство за инфраструктура и енергетика оценува дека падот на домашното производство е загрижувачки и повторно го отвора прашањето за енергетската самодоволност на земјата.

Од Министерството сметаат дека во претходниот период премногу внимание било посветено на зелената транзиција, без доволно да се води сметка за енергетската безбедност и домашните производствени капацитети.

„Последиците од погрешно насочената политика на зелената транзиција стануваат сè поочигледни“, наведува Министерството, посочувајќи го намаленото работење на TEŠ како еден од факторите за падот на домашното производство.

Владата во Љубљана сега најавува пристап во кој декарбонизацијата треба да се комбинира со сигурност на снабдувањето, конкурентни цени, стабилност на електроенергетскиот систем и зајакнување на домашното производство.

Податоците на словенечката Агенција за енергетика покажуваат дека прашањето за енергетската самодоволност станува сè поважно за земјата, особено поради зависноста на производството од хидролошките услови и промените во работата на големите термо- и нуклеарни капацитети.

Извор: Nas-stik.si

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил