САД со најголем извоз на течен гас досега – Европа главен купувач

Литлтон. 02 мај 2025 – Извозот на течен природен гас (LNG) од САД бележи раст од над 20% во првите четири месеци од 2025 година во споредба со истиот период лани, поттикнат најмногу од зголемената побарувачка од Европа, која сочинува дури 77% од вкупниот извоз.

Според податоците на аналитичката компанија Kpler, во периодот јануари–април, САД извезле вкупно 34,6 милиони метрички тони LNG, највисоко ниво досега за овој период. Од таа количина, европските земји купиле 26,5 милиони тони, што претставува пораст од 49% во однос на истиот период минатата година.

Аналитичарите проценуваат дека дел од зголемената европска побарувачка може да се должи на обидите да се ублажи политичкиот притисок од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, во контекст на актуелните трговски преговори и потенцијални царини. Дополнително, зголемената побарувачка за гас доаѓа и како резултат на највисокото ниво на производство на струја од гас во Европа во последните четири години, како и поради недоволните гасни резерви, кои се за третина пониски во споредба со истиот период минатата година.

Реклама

Франција, Велика Британија и Холандија се водечки купувачи на американски LNG, заедно сочинувајќи речиси 35% од вкупниот извоз. Франција забележа рекорден увоз од 4,8 милиони тони, додека Велика Британија и Холандија остануваат малку под своите историски врвови.

Меѓу другите големи европски купувачи се Турција, со рекордни 3,2 милиони тони, како и Шпанија, Италија и Полска, каде што производството на електрична енергија од гас исто така е во пораст. Германија, Белгија, Грција и Литванија се исто така значајни учесници на пазарот, покажуваат податоците на Kpler.

Иако цените на гасот преку гасоводи се значително пониски од LNG, европските електрани ќе продолжат да купуваат LNG за покривање на дневни потреби, особено поради намалената продукција од ветерни и хидроелектрични извори во 2025 година.

За разлика од Европа, азискиот регион бележи силен пад на увозот на LNG, достигнувајќи само 4,91 милиони тони за првите четири месеци од годината, најниско ниво од 2019 година и 41% помалку од истиот период во 2024. Причините се повисоките меѓународни цени, послабиот интерес во споредба со јагленот, како и економската стагнација дополнително влошена од новите американски царини.

Надвор од Европа и Азија, Египет и Јордан го зголемија увозот на американски LNG до рекордни нивоа, додека Централна и Јужна Америка забележаа пад од околу 22%.

Очекувањата се дека Европа ќе продолжи да биде главниот пазар за американскиот LNG барем во краток рок. Но, доколку азиската побарувачка продолжи да опаѓа, тоа може да создаде проблеми за американските извозници, кои би можеле да станат преголемо зависни од европските нарачки.

Во услови кога Европа забрзано инвестира во обновливи извори, евентуален пад на побарувачката за фосилни горива може да го доведе во прашање идниот раст на американскиот LNG-сектор, оценуваат експертите.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement