Регулаторната комисија за енергетика подготвува анализи кои би можеле да донесат значајни измени во начинот на пресметување на електричната енергија за домаќинствата. Меѓу опциите што се разгледуваат се продолжување на дневната евтина тарифа од сегашните два на четири часа, како и нејзино воведување и во сабота.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, посочува дека актуелниот тарифен систем е креиран во време на енергетската криза во 2022 година, но денешните услови на пазарот се значително променети. Според него, растот на производството на електрична енергија од сончеви и ветерни електрани наметнува потреба од нов пристап кон потрошувачката.
Податоците покажуваат дека во текот на денот, особено во периодот меѓу 11 и 15 часот, има поголемо производство на електрична енергија и пониски цени на регионалните берзи. Поради тоа, РКЕ ја разгледува можноста токму во тие часови граѓаните да користат струја по пониски цени.
Покрај проширувањето на дневната евтина тарифа, се анализира и воведување пониска цена на електричната енергија во сабота. Причината е намалената индустриска потрошувачка за време на викендите, што често создава вишоци на енергија на пазарот.
Во рамки на процесот се разгледува и евентуална корекција на ноќната тарифа, имајќи предвид дека во вечерните часови електричната енергија на берзите често достигнува повисоки цени отколку во текот на денот.
Од РКЕ најавуваат дека во анализите ќе бидат вклучени сите релевантни институции и компании од енергетскиот сектор. Првите резултати се очекуваат до крајот на септември, по што ќе се знае дали предложените измени се економски оправдани.
Доколку пресметките покажат позитивни ефекти, новиот тарифен модел би можел да започне со примена од почетокот на 2027 година. Од Комисијата уверуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана за сите евентуални промени кои би влијаеле врз сметките за електрична енергија.
Енергетика 24
