По години на континуирано поевтинување и масовна експанзија, глобалниот пазар на соларна енергија се соочува со нов предизвик, можен значителен раст на цените на соларните панели и батериите. Геополитичките конфликти, зависноста од Кина, растечките цени на суровините и новите даночни политики создаваат сериозен притисок врз индустријата која досега важеше за симбол на евтина и достапна чиста енергија.
Во изминатите десет години, цените на фотоволтаичните панели паднаа за дури 90%. Благодарение на технолошкиот развој, масовното производство и огромните инвестиции, сончевата енергија денес е една од најевтините форми на производство на електрична енергија. Ист тренд следеше и кај батериите за складирање струја, кои овозможуваат домаќинствата да користат електрична енергија и кога нема сонце.
Европската Унија во последните години силно се потпира на соларната енергија како дел од стратегијата за енергетска независност и зелена транзиција. Во 2024 година, соларната енергија учествувала со речиси една четвртина од вкупната потрошувачка на електрична енергија во ЕУ, а во одредени периоди сонцето било и најголем извор на електрична енергија во Европа.
Сепак, ситуацијата на глобалниот пазар почнува да се менува.
Конфликтите на Блискиот Исток и нестабилноста на цените на фосилните горива ја зголемија побарувачката за обновливи извори на енергија. Многу европски домаќинства и компании сè почесто бараат начини да ја намалат зависноста од гасот и нафтата, особено по стравувањата од нови енергетски шокови и можни прекини во снабдувањето.
Но, токму зголемената побарувачка отвора нов проблем – ограничено производство и повисоки трошоци.
Кина, која доминира со повеќе од 80% од светското производство на соларни панели, неодамна ги намали даночните олеснувања за извоз на соларни производи. Од април 2026 година укинат е повратот на ДДВ за соларните панели, додека субвенциите за батерии постепено се намалуваат. Овој потег веќе предизвика паника кај дел од европските увозници, кои во март годинава забележале рекордни нарачки во обид да избегнат идни поскапувања.
Аналитичарите предупредуваат дека ефектите од реформите допрва ќе се чувствуваат. Според проценките, цените на соларните модули би можеле да пораснат за 10 до 20% во наредните месеци.
Дополнителен удар врз индустријата доаѓа од растот на цените на суровините, особено среброто. Овој метал е клучен за производство на соларни ќелии поради неговата висока проводливост. Иако се користи во релативно мали количини, среброто учествува со дури 30% во трошоците за производство на соларна ќелија.
Во првите месеци од 2026 година цената на среброто порасна за повеќе од 150%. Производителите се обидуваат да го заменат со бакар, но и цената на бакарот е во пораст поради глобалната побарувачка и развојот на индустриите поврзани со вештачката интелигенција и дата-центрите.
Енергетските експерти предупредуваат дека овие промени покажуваат оти ниту обновливите извори на енергија не се целосно заштитени од геополитичките и економските кризи. Иако сончевата енергија долго време се сметаше за стабилна и евтина алтернатива, глобалните синџири на снабдување остануваат ранливи.
Сепак, и покрај најавите за поскапување, соларната енергија останува финансиски исплатлива инвестиција. Цените и натаму се значително пониски во споредба со периодот пред неколку години, а интересот за поставување соларни системи низ Европа продолжува да расте.
Експертите сметаат дека периодот пред евентуалниот ценовен скок може да биде најповолен момент за граѓаните и компаниите кои размислуваат за инвестиција во соларни панели, особено поради очекувањата дека трошоците би можеле дополнително да растат до крајот на годината.
Извор: Euronews.com
