Пет земји-членки на Европската Унија остро се спротивставија на плановите на Европската комисија за централизирано управување со развојот на европската електроенергетска мрежа, предупредувајќи дека таквиот пристап може да ја забави зелената транзиција, да ги зголеми трошоците и да ја наруши енергетската безбедност на Унијата пренесува каналот „Еуроњуз“,
Во заеднички документ до кој дошол „Еуроњуз“, Бугарија, Финска, Франција, Полска и Шведска оценуваат дека Брисел ги надминува своите надлежности и недоволно ја разбира сложеноста на националните енергетски системи. Наместо целосно централизирана „енергетска унија“, тие предлагаат модел заснован врз координирани регионални системи.
„Исклучивото инсистирање на “top-down” пристап ќе ја попречи целта на пакетот за електроенергетски мрежи. Наместо тоа, предлагаме зајакнување и проширување на регионалното планирање и евалуација“, се наведува во документот.
Европската комисија во декември минатата година предложи сеопфатна реформа на европската електроенергетска инфраструктура, со која се предвидува посилна координација и креирање на „централно сценарио“ што би ги насочувало долгорочните инвестиции во енергетските мрежи низ ЕУ.
Но, петте држави сметаат дека таквиот модел не ја зема предвид реалната состојба на терен. Според нив, енергетската инфраструктура е премногу комплексна, регионално специфична и политички чувствителна за да се планира од единствен центар во Брисел.
По руската инвазија врз Украина, Европската Унија значително ги засили напорите за енергетска независност и забрзана електрификација на индустријата, што ѝ даде на Комисијата поголема улога во стратешкото планирање. Токму тоа, според земјите-потписнички, ги отвора прашањата за националниот суверенитет, индустриската конкурентност и трошоците што ги плаќаат граѓаните.
Петте земји предупредуваат дека централизираниот пристап може да резултира со изградба на скапи интерконектори кои нема да бидат доволно усогласени со домашните мрежи, што би довело до недоволно искористена инфраструктура и повисоки сметки за струја.
Во документот се наведува дека националните оператори на високонапонските мрежи, како францускиот RTE и шведскиот Svenska kraftnät, треба да останат главни технички носители на планирањето, додека Европската комисија треба да има улога на координатор, а не на диригент на процесот.
Шведска во последните недели стана еден од најгласните противници на европскиот план. Владата во Стокхолм неодамна најави стопирање на изградбата на нов енергетски кабел кон Данска, поради несогласувањата околу предлогот приходите од електроенергетските такси да се користат за финансирање на европската инфраструктура.
„ЕУ не треба да располага со шведските пари од електрична енергија. Во моментов Брисел не нѐ слуша, затоа ги замрзнуваме плановите за нови кабли за извоз на струја“, изјави шведската министерка за енергетика Еба Буш.
Спорот околу таканаречениот „Пакет за мрежи“, кој предвидува инвестиции од 1,2 трилиони евра до 2040 година, прераснува во поширока политичка битка за тоа колку овластувања треба да имаат европските институции во време на климатската транзиција.
Додека Европската комисија инсистира на посилна унифицирана стратегија, земјите-членки бараат јасна поделба на одговорностите и задржување на правото самостојно да одлучуваат за сопствениот енергетски микс и инфраструктурни приоритети.
И покрај критиките, петте држави нагласуваат дека не се против европската координација и прекуграничната соработка, туку против, како што велат, политичка централизација на инвестициите и енергетското планирање.
Преговорите за конечниот текст на реформата продолжуваат, а поради длабоките поделби меѓу земјите-членки, европските дипломати не ја исклучуваат можноста договорот да биде одложен за периодот на идното ирско претседателство со ЕУ, кое започнува на 1 јули.
Извор: Euronews.com
