Цените на нафтата во петокот се стабилизираа, но останаа на пат кон најголемиот неделен раст од средината на јули, поради зголемените тензии меѓу САД и Иран и стравувањата дека конфликтот може дополнително да го загрози снабдувањето со нафта од Блискиот Исток.
Фјучерсите на Брент се тргуваа по 95,52 долари за барел, без значителна промена, додека американската нафта WTI поскапе за 7 центи, на 91,36 долари за барел.
На неделно ниво, Брент е во пораст од 7,6%, а WTI за 10,4%, што ги става двата референтни типа на нафта на пат кон најголем неделен раст од неделата завршена на 20 јули.
Расте стравот од нарушување на снабдувањето
На пазарите повторно се засилуваат стравувањата дека ескалацијата меѓу Вашингтон и Техеран може да предизвика прекини во снабдувањето со енергенси. Дополнителен притисок врз пазарот создаваат и украинските напади врз руски рафинерии, кои придонесоа американските цени на дизелот да достигнат рекордни нивоа.
Конфликтот меѓу САД и Иран влезе во седмиот месец, а последните американски напади, во кои има загинати и повредени, се меѓу најжестоките директни судири меѓу двете земји од јули.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац повторно предупреди дека Израел е подготвен да ја нападне иранската воена и цивилна инфраструктура, вклучително и енергетските објекти.
Аналитичарите на ANZ во петокот ја подигнаа краткорочната прогноза за Брент на 95 долари за барел, со дополнителен ризик од раст доколку конфликтот на Блискиот Исток продолжи да се интензивира. Според нив, пазарот влегува во чувствителна фаза, бидејќи високите залихи досега помогнале да се амортизира почетниот шок во снабдувањето, но резервите постепено се намалуваат.
Дополнителен ризик за пазарот претставува Ормутскиот Теснец, преку кој се одвива значаен дел од глобалната трговија со нафта и течен природен гас.
Иран во меѓувреме ја прошири листата на бродови кои ги смета за неусогласени со неговите правила и кои може да бидат казнети, запленети или задржани доколку се обидат да поминат низ теснецот. Ирачките бродови се меѓу ретките на кои Техеран им дозволува транзит.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека Вашингтон нема да започне разговори со Иран сè додека Техеран не престане со нападите врз комерцијалниот поморски сообраќај во Ормутскиот Теснец.
Од друга страна, изјавите на рускиот претседател Владимир Путин дека постои можност за договор за прекин на војната во Украина делумно го ограничуваат растот на цените, бидејќи евентуалното намалување на нападите врз руските рафинерии би можело да ги стабилизира испораките на руски горива.
Ирак го зголемува извозот
Во меѓувреме, Ирак го зголемил извозот на нафта во август на околу 2,34 милиони барели дневно, од приближно 1,35 милиони барели дневно во јули.
Според ирачки енергетски претставници, извозот би можел дополнително да се зголеми и во септември, поттикнат од пониските цени и од одобренијата од Иран за ирачките танкери да минуваат низ Ормускиот Теснец
Извор: Ројтерс
