ИЕА: Мировниот договор меѓу САД и Иран ги урна цените на нафтата, но глобалната побарувачка бележи остар пад

Глобалната побарувачка за нафта годинава ќе се намали за 1,1 милион барели дневно, додека светското производство ќе падне за 3,9 милиони барели дневно, покажува јунскиот извештај на Меѓународната енергетска агенција (ИЕА). Новата прогноза е значително полоша од мајската, откако воениот конфликт во Персискиот Залив предизвика сериозни нарушувања во снабдувањето, раст на цените и намалена потрошувачка во повеќе региони.

Според извештајот објавен на 17 јуни, испораките на нафта во вториот квартал од 2026 година се намалиле за околу пет милиони барели дневно во споредба со истиот период лани, под влијание на високите цени на горивата и недостигот на нафтени деривати на пазарот. Сепак, ИЕА очекува силно закрепнување во 2027 година, кога побарувачката би требало да порасне за два милиони барели дневно благодарение на нормализирањето на трговските текови, пониските цени и подобрите економски услови.

Во меѓувреме, глобалното производство на нафта во мај се намалило на 94,5 милиони барели дневно, што е за 13,6 милиони барели под нивото пред избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток. Иако привремениот договор меѓу САД и Иран отвора можност за постепено обновување на извозот од регионот и повторно отворање на Ормускиот теснец, ИЕА предупредува дека политичките и оперативните пречки остануваат значителни. Деминирањето на пловните патишта и решавањето на транспортните ограничувања ќе бараат време, што создава ризици за побавно закрепнување на понудата.

РЕКЛАМА

Цените на нафтата, кои во април достигнаа рекордни нивоа поради војната, нагло паднаа во текот на мај и јуни. Северноморската сурова нафта „Dated Brent“ поевтини за повеќе од 40 долари по барел и се тргува околу 82 долари за барел. Пазарите реагираа позитивно на најавите за мировен договор меѓу Вашингтон и Техеран, кој треба да биде потпишан на 19 јуни во Швајцарија. Фјучерсите на Brent во моментот се движат околу 81 долар за барел, што е 37 долари под априлскиот врв, но сè уште околу 20 долари над нивото од почетокот на годината.

Договорот веќе придонесе за постепено закрепнување на транспортот низ Ормутскиот теснец. Количините што минуваат низ теснецот пораснале од 9,6 милиони барели дневно во мај на околу 12 милиони во почетокот на јуни. Сепак, тоа е далеку од нормалните нивоа пред конфликтот, а целосното враќање на протокот ќе зависи од безбедносната состојба во регионот.

Поради намаленото производство и проблемите во снабдувањето, светските рафинерии исто така ја намалија преработката на сурова нафта. ИЕА сега очекува рафинериската активност во 2026 година да се намали за два милиони барели дневно, на просечни 82 милиони барели дневно. Најголем пад е регистриран во Кина, Блискиот Исток, Евроазија и другите азиски економии надвор од ОЕЦД.

Истовремено, глобалните залихи на нафта продолжуваат брзо да се намалуваат. Во мај резервите се намалиле за 143 милиони барели, што е речиси двојно повеќе од падот регистриран во април. Од почетокот на конфликтот просечното намалување на залихите достигнало 3,8 милиони барели дневно. Владините резерви во земјите на ОЕЦД се намалиле за 163 милиони барели и се на најниско ниво од декември 1990 година, поради засиленото ослободување на стратешките резерви за стабилизирање на пазарот.

И покрај сегашните тензии, ИЕА прогнозира значителен пресврт во 2027 година. Глобалната понуда би можела да порасне за осум милиони барели дневно и да достигне 110,3 милиони барели дневно, додека побарувачката ќе порасне на 105,3 милиони барели дневно. Таквиот дисбаланс би создал вишок на нафта на пазарот и можност за обновување на исцрпените резерви, како и за формирање нови стратешки залихи во услови на преиспитување на енергетските политики по кризата на Блискиот Исток.

Извор: IEA.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил