Сè поголем број соларни производители во Грција се соочуваат со доцнење во отплатата на банкарските кредити, поради намалените приходи предизвикани од ограничувањето на производството од обновливи извори и долгите периоди со негативни цени на електричната енергија на берзите.
Грчките банки сè почесто ги предупредуваат производителите кои работат во рамки на шемите со премија за откуп на електричната енергија дека треба навреме да ги сервисираат обврските по кредитите. Индустриски извори предупредуваат дека дел од проектите се соочуваат со сериозен финансиски притисок, бидејќи приходите се пониски од очекуваните при одобрувањето на кредитите.
Проблемот е особено изразен кај проектите со високо ниво на задолженост, како и кај новите соларни централи кои неодамна почнале со работа и сè уште немаат акумулирано доволно приходи.
Под дополнителен ризик се и инвеститорите кои немаат доволно сопствени парични резерви, како и енергетските заедници кои исплатиле дивиденди во рана фаза.
Проектите кои веќе имаат заостанати обврски кон банките би можеле да бидат класифицирани како нефункционални кредитни изложености, доколку проблемите со отплатата продолжат.
Грчкото Министерство за животна средина и енергетика е информирано за растот на бројот на мали и средни производители кои имаат проблеми со навремено сервисирање на банкарскиот долг.
Панхеленската федерација на здруженија на производители на фотоволтаична енергија (POSPIEF) во меѓувреме собира податоци од своите членови за да го утврди обемот на доцнењата во плаќањата и финансискиот притисок врз секторот.
Федерацијата побара итна средба со Грчката банкарска асоцијација, на која би ги презентирала собраните податоци, но и би разговарала за ризикот од неисполнување на кредитните обврски и можните мерки за спречување и управување со проблемот.
Се подготвува финансиско олеснување за производителите
Како можна мерка се најавува зголемување на тарифите однапред, кое според досегашните најави би можело да започне да се применува во септември.
Зголемувањето би се однесувало на референтната цена за секој проект, но Министерството сè уште не го утврдило неговиот конечен обем, со цел мерката да биде насочена кон производителите кои имаат најголема потреба од финансиска поддршка.
Предвидено е зголемувањето подоцна да биде компензирано преку намалување на поддршката во последните години од договорите. На тој начин, мерката би била финансиски неутрална во текот на целиот период на поддршка, со што би се избегнала потребата од дополнително одобрување од Европската комисија.
Паралелно, Министерството разговара со SolarPower Europe и POSPIEF за можноста за продолжување на договорите за поддршка на соларните проекти.
Од SolarPower Europe, според информациите од секторот, изразиле подготвеност да го поддржат барањето во разговорите со Европската комисија.
Финансиските проблеми во грчкиот соларен сектор се поврзуваат со пошироките промени на европскиот електроенергетски пазар, каде што брзиот раст на производството од соларни централи, ограничувањата на производството и сè почестите негативни цени во периодите на висока понуда создаваат притисок врз приходите на производителите.
Извор: EnergyPress.com
