Американските стратешки резерви на нафта паднаа на најниско ниво од 1983 година

Залихите на сурова нафта во американските стратешки резерви паднаа под 300 милиони барели, достигнувајќи најниско ниво во последните повеќе од четири децении, покажуваат најновите податоци на американското Министерство за енергетика.

Стратешките резерви на нафта (SPR) минатата недела се намалиле за 6,1 милиони барели, на 298,7 милиони барели. Тоа е најниско ниво од јануари 1983 година.

Резервите биле формирани во 1975 година како механизам за заштита на САД од сериозни нарушувања во снабдувањето со нафта. Нивниот одобрен капацитет е околу 714 милиони барели.

РЕКЛАМА

Падот следува по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп во март да се ослободат 172 милиони барели нафта од стратешките резерви, откако Иран го ограничи извозот на нафта преку Ормускиот теснец.

Американските стратешки резерви пред нападите на САД и Израел врз Иран на 28 февруари содржеле околу 415 милиони барели.

Според американското Министерство за енергетика, минималната количина на нафта потребна за безбедно функционирање на системот е околу 70 милиони барели, што значи дека сегашното ниво сè уште е значително над оперативниот минимум.

Експерти, сепак, предупредуваат дека проблемот не е само во количината на складираната нафта, туку и во способноста резервите брзо да се активираат во случај на нова криза.

Дел од резервите не е достапен за употреба

Според извештај на американската Канцеларија за отчетност на Владата (GAO), оперативната способност на стратешките резерви е под притисок поради застарената инфраструктура.

Повеќе од четвртина од залихите во декември 2025 година не биле достапни за повлекување поради градежни активности и проблеми со подземните складишни каверни.

Според анализа на Rapidan Energy, тоа би значело дека во моментов најмалку 103 милиони барели од резервите не се достапни за непосредна употреба.

GAO предупредува дека капацитетите за повлекување, дистрибуција и повторно полнење на резервите се ограничени и дека долгорочните проблеми со стареењето на инфраструктурата, во комбинација со тековните големи градежни работи, претставуваат ризик за нивната оперативност.

САД веќе двапати посегнаа по рекордни количини

Американските претседатели во последните години сè почесто користат нафта од стратешките резерви за стабилизирање на пазарот.

Претседателот Џо Бајден во 2022 година ослободи 180 милиони барели од резервите, по руската инвазија врз Украина и последователниот раст на нестабилноста на енергетските пазари. Тоа беше најголемото еднократно ослободување во историјата на SPR.

GAO тогашното ослободување го опиша како „непланиран стрес-тест“ за системот.

Енергетскиот експерт Дејвид Голдвин, поранешен специјален пратеник на Стејт департментот за меѓународни енергетски прашања, смета дека и покрај падот на залихите, САД сè уште имаат доволно нафта за дополнително ослободување доколку тоа биде потребно.

Сепак, според сегашните планови, по целосното реализирање на мартовската одлука на Трамп, владините резерви би можеле да паднат на околу 243 милиони барели.

Ниското ниво на стратешките резерви ја намалува маневарската способност на Вашингтон во случај на нов сериозен прекин во глобалното снабдување со нафта, особено во услови на продолжена геополитичка нестабилност на Блискиот Исток.

Извор: CNBC.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил