Кризата во кинеската соларна индустрија продолжува, петте најголеми компании изгубија 40.000 работни места

Петте најголеми кинески производители на соларна опрема минатата година го намалиле бројот на вработени за повеќе од една петтина, односно за 40.589 лица, бидејќи индустријата и покрај рекордниот раст на соларната енергија продолжува да се соочува со загуби и прекумерен производствен капацитет.

Според анализата на деловните извештаи на компаниите што ја објави „Ројтерс“, „Лонги грин енерџи“, „Трина солар“, „Џинко солар“, „Џеј-Еј солар“ и „Тонгвеи“ на крајот на 2025 година имале вкупно 154.061 вработен. Тоа е за 21% помалку во однос на претходната година, кога бројот на вработени веќе бил намален за 31%.

Така, за само две години петте компании го намалиле бројот на вработени приближно за половина. Ниту една од нив јавно не објавила план за отпуштања во овој период, а компаниите не одговориле на барањата за коментар.

РЕКЛАМА

Намалувањето на работните места ја отсликува противречноста во кинеската соларна индустрија: глобалната побарувачка за обновливи извори останува значајна, а енергетските кризи дополнително ја нагласуваат потребата од енергетска независност, но производителите во Кина и натаму се борат со ниски цени и слаба профитабилност.

Производствениот капацитет е двојно поголем од светската побарувачка

Кинеските производители изградиле капацитет за производство на соларна опрема што е приближно двојно поголем од потребите на светскиот пазар. Прекумерната понуда ги турка продажните цени надолу и ги принудува компаниите со години да работат со загуби, и покрај рекордните инсталации на соларни капацитети.

Обидот за консолидирање на индустријата, започнат минатата година од група водечки производители на полисилициум, не успеал поради недоволна поддршка од секторот, оценуваат аналитичарите. Планот предвидувал создавање фонд од околу 7 милијарди долари за преструктурирање на производството и затворање на дел од капацитетите, со цел да се намали понудата и да се поддржат цените.

Алан Лау, аналитичар во „Џефрис“, за „Ројтерс“ изјавил дека брзо решавање на проблемот би барало преземања и консолидација на конкурентите или ненадејно отстранување на голем дел од производствениот капацитет.

Намалувањето на бројот на вработени им помага на компаниите да ги ограничат трошоците, но не го решава основниот проблем ако производите се продаваат по цени пониски од трошоците за нивното производство.

Продажните цени паднале за повеќе од 60% од 2019 година

Просечната продажна цена на соларните модули кај петте водечки производители во 2025 година паднала на 130 долари за киловат, во споредба со 350 долари во 2019 година, според податоците на консултантската компанија за енергетски технологии „Тандер сеид енерџи“.

Истовремено, просечната маржа на оперативната добивка пред камати и даноци (ЕБИТ) се влошила од минус 8% во 2024 година на минус 13% во 2025 година. Овој показател ја мери добивката или загубата од работењето во однос на приходите, по одземањето на оперативните трошоци.

„Ако не остварувате бруто-маржа, тогаш, без оглед на тоа колку ги намалувате трошоците, во суштина само ја намалувате загубата“, оценува Лау.

Деловните извештаи покажуваат дека намалувањето на работната сила опфатило производствени, истражувачко-развојни и административни работни места. „Трина солар“ пријавила доброволно заминување на 18% до 19% од вработените во 2025 година, додека „Тонгвеи“ навела дека бројот на техничкиот персонал се намалил за 21%. „Лонги“ ги намалила трошоците за истражување и развој за 15%.

Промените во Кина ја забавуваат побарувачката

Притисокот врз индустријата дополнително се зголемил годинава поради промените во кинескиот систем за поддршка на обновливите извори. Гарантираните приходи се заменуваат со пазарни аукции, што ја намалува сигурноста за инвеститорите и го забавува темпото на новите соларни инсталации.

Според процените на „Џефрис“, Кина годинава би можела да инсталира од 150 до 200 гигавати нови соларни капацитети, значително помалку од рекордните 315 GW инсталирани во 2025 година.

Ниту извозот не обезбедува доволно олеснување за производителите. Количинскиот извоз на кинески соларни ќелии и панели во периодот од јануари до август се намалил за 10% на годишно ниво, додека глобалниот пазар не забележал раст што би го апсорбирал вишокот понуда.

Ченг Ванг, аналитичар во „Морнингстар“, оценува дека прекумерниот производствен капацитет дополнително се влошил годинава поради послабата побарувачка во однос на претходната година. Сепак, според него, индустријата можеби конечно го достигнала дното на кризата.

Построги стандарди од 2027 година

Дополнителен притисок врз неефикасните производители се очекува од новите кинески стандарди за енергетска интензивност при производството на полисилициум и силициумски плочки, како и од правилата за ефикасност на соларните модули. Стандардите треба да стапат во сила на 1 јануари 2027 година.

Компаниите што нема да можат да ги исполнат построгите барања би можеле да бидат принудени да ги затворат своите капацитети, што би помогнало во намалувањето на прекумерната понуда на пазарот.

„Очекуваме вишокот производствен капацитет да продолжи и во 2027 година, но сметаме дека најтешкиот дел од падот ќе биде зад индустријата“, изјавил Ванг.

Иако новите стандарди би можеле постепено да ја намалат понудата, аналитичарите не очекуваат брзо решение. Дотогаш, кинеските производители ќе мора да продолжат со намалување на трошоците и преструктурирање, додека се обидуваат да се приспособат на пазар на кој огромниот производствен капацитет и слабите продажни цени ја ограничуваат профитабилноста.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил