Германската министерка за економија и енергетика, Катарина Рајхе, повика на темелна промена на курсот на енергетската политика, предупредувајќи дека системските трошоци од енергетската транзиција се огромни и дека решението за високите цени на енергијата не лежи само во зголемување на капацитетите на соларни и ветерни електрани.
Во коментар објавен во весникот Frankfurter Allgemeine Zeitung минатата недела, Рајхе истакна дека актуелната политика претставува сериозен товар и за економијата и за граѓаните, додавајќи дека Германија се наоѓа среде една од најсериозните енергетски кризи во својата историја.
Според неа, додека земјата се стремела кон амбициозни цели, 80% удел на обновливи извори до 2030 година и климатска неутралност до 2045 година, цените на електричната енергија „експлодирале“. Таа оцени дека ваквите цели се „убави бројки“ кои не ја одразуваат реалноста, посочувајќи дека сметките за струја се значително над просекот на Европската унија, а индустријата трпи сериозни последици.
Рајхе нагласи дека заштитата на климата без прифатливи цени е политички неодржлива и предупреди дека проблемите со високите цени на фосилните горива не можат да се решат исклучиво преку проширување на обновливите извори. Иако Германија веќе обезбедува околу 50% од електричната енергија од обновливи извори, тие учествуваат со само една петтина во вкупната потрошувачка на енергија.
Министерката посочи дека субвенциите и останатите трошоци поврзани со обновливите извори достигнуваат околу 36 милијарди евра годишно, со можност до 2035 година да пораснат и до 90 милијарди евра. Дел од тие средства, околу три милијарди евра годишно, се исплаќаат како компензација за ограничување на производството поради преоптоварување на мрежата.
Таа предложи законски измени со кои инвеститорите би презеле поголема одговорност, вклучително и учество во модернизацијата на мрежата или прифаќање на ризикот дека нема секогаш да можат да ја пласираат произведената електрична енергија.
Рајхе повтори дека одлуката за напуштање на нуклеарната енергија била „голема грешка“, посочувајќи дека нуклеарните централи обезбедувале околу 20 гигавати чиста енергија без емисии на CO₂. Сличен став претходно изнесе и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој затворањето на нуклеарките го оцени како „стратешка грешка“ што довела до најскапата енергетска транзиција во светот.
Извор: FAZ.net
