Фон дер Лајен од Лондон: Повеќе обновлива енергија – поголема безбедност за сите

Претседателката на Европската комисија повика на глобално здружување за енергетска сигурност и најави целосно напуштање на руски енергенси.

Лондон. 28 април 2025 – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од самитот за иднината на енергетската безбедност одржан минатата недела во Лондон порача дека глобалната енергетска безбедност се наоѓа пред сериозни предизвици, и дека само преку засилена меѓународна соработка може да се обезбеди стабилна и одржлива енергетска иднина.

Во своето обраќање, фон дер Лајен ја истакна важноста на стабилен регулаторен амбиент за привлекување инвестиции, посебно во развојот на обновливи извори на енергија. Како пример за успешна соработка ја посочи работата меѓу Европската унија и Обединетото Кралство во Северното Море.

Таа потсети дека Европа, преку стратегијата REPowerEU, значително ја намалила зависноста од руските фосилни горива, намалувајќи го увозот на руски гас од 45% на 18%, додека увозот на руска нафта и јаглен е речиси целосно елиминиран. Следниот чекор, како што најави, е комплетно укинување на увозот на руски енергенси.

Реклама

Фон дер Лајен истакна дека инвестициите во домашни обновливи извори се најдобриот одговор на енергетската несигурност. Денес, обновливите извори сочинуваат 47% од електричната енергија во ЕУ, а преку планот за достапна енергија и иницијативите за чиста индустрија ќе бидат мобилизирани дополнителни над 100 милијарди евра за енергетски проекти.

И покрај напредокот, таа предупреди на глобалните ризици како физички и сајбер-напади врз енергетската инфраструктура, зголемена побарувачка за електрична енергија и застој во енергетската електрификација на најсиромашните региони.

Како одговор на овие предизвици, фон дер Лајен предложи пет приоритети:

  • следење на глобалниот напредок во транзицијата кон обновливи извори,
  • конкретна поддршка за проекти во земјите во развој,
  • обезбедување на пристап до критични суровини,
  • заеднички развој на енергетска инфраструктура,
  • и заштита на инфраструктурата од закани.

На крајот од своето обраќање, претседателката потенцираше дека Европската унија е подготвена да работи заедно со своите партнери за да се обезбеди стабилна, сигурна и зелена енергетска иднина за сите.

Извор: Европска Комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement