Енергетски исчекор: Intraday пазарот започнува со работа во Македонија

Скопје. 6 мај 2026 – Со официјалното започнување на Пазарот во тековниот ден (Intraday Market), Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје отвора ново поглавје во развојот на македонскиот пазар на електрична енергија. Од денес, вкупно 21 компанија активно учествуваат на пазарот, што претставува силен сигнал за довербата во новите пазарни механизми и регулаторната рамка.

Intraday пазарот овозможува тргување со електрична енергија во речиси реално време, носејќи значителни придобивки за енергетските компании. Со ова се обезбедува поголема флексибилност во управувањето со портфолијата, попрецизно балансирање на производството и потрошувачката, како и поефикасно искористување на енергетските ресурси.

Извршниот директор на МЕМО ДООЕЛ Скопје, Зоран Ѓорѓиевски, истакна дека станува збор за значаен чекор напред за целиот енергетски сектор.

РЕКЛАМА

„Ова не е само нов пазарен сегмент, туку суштинска трансформација која им овозможува на учесниците да реагираат во реално време, да ги оптимизираат своите позиции и да придонесат кон поефикасен и стабилен систем. Фактот дека веќе 21 компанија се приклучија од самиот старт говори за довербата во овој процес,“ изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека воведувањето на интрадеј тргувањето е клучно за усогласување со европските практики и претставува важен чекор кон интеграција со единствениот европски пазар на електрична енергија.

Од МЕМО нагласуваат дека со секој нов учесник, пазарот станува посилен, поконкурентен и подинамичен, што директно придонесува за зголемување на сигурноста во снабдувањето и за долгорочен развој на енергетскиот сектор во земјата.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил