Дамијанос: Кипар станува нов извор на гас за Европа од 2028 година

Кипар очекува природниот гас од наоѓалиштето „Кронос“, во подморјето јужно од островот, да започне да стигнува до европскиот пазар во март 2028 година, изјави кипарскиот министер за енергетика Мајкл Дамијанос.

Според него, источниот Медитеран забрзано се наметнува како алтернативен извор на енергија за Европа, во услови на намалување на зависноста од рускиот гас поради војната во Украина и нестабилноста на Блискиот Исток.

Развојот на наоѓалиштето „Кронос“ го реализираат француската енергетска компанија TotalEnergies и италијанската Eni. Компаниите минатиот месец донеле конечна инвестициска одлука за продолжување на развојот на проектот.

РЕКЛАМА

Станува збор за проект кој треба да овозможи прв извоз на гас од наоѓалиште во источниот Медитеран кон европскиот пазар.

За Европа во овој момент е важно што Кипар ќе стане алтернативен извор на гас, имајќи ги предвид војната во Украина и ситуацијата на Блискиот Исток, изјави Дамијанос за Асошиејтед прес.

Гасовод до Египет, потоа ЛНГ кон Европа

Според плановите на конзорциумот „Ени-ТоталЕнерџис“, изградбата на цевководот од „Кронос“ до постојната инфраструктура кај големото египетско гасно наоѓалиште „Зор“ треба да започне до крајот на годинава.

Цевководот ќе биде долг околу 105 километри, а изградбата се очекува да трае до 18 месеци.

Од Египет, гасот ќе биде транспортиран до постројка за преработка на северниот брег на земјата, каде што ќе биде претворен во течен природен гас (ЛНГ), по што со танкери ќе се испорачува на европските пазари.

Изборот на Египет како транзитна и преработувачка точка се смета за економски најисплатливо решение поради близината на постојната инфраструктура за производство и извоз на ЛНГ.

Според договорот, целокупното производство од наоѓалиштето „Кронос“ е предвидено да биде насочено кон европскиот пазар. Сепак, договорот предвидува околу 20% од количините да бидат искористени за покривање на дел од домашните енергетски потреби на Египет.

Кипар со проектот настојува да ја зајакне својата позиција како нов извор на природен гас за Европа и да придонесе кон диверзификација на европското снабдување во услови на геополитички промени и преобликување на европскиот енергетски пазар.

Извор: APnews.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил